Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објавува повик за избор на домаќинства во Населба Лисиче кои ќе бидат поддржани со грант во висина до 10.000 американски долари, во денарска противвредност, со цел да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови и на таков начин да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од страна на Владата на Шведска преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“.

Можност да се јават на повикот имаат сите физички лица со постојано место на живеење во областа означена на мапата подолу или во нејзина непосредна близина, кои поседуваат индивидуален објект за домување – куќа или дел од куќа, за кој постои доказ дека е во сопственост на апликантот.

Пријавата со критериумите во електронска форма може да се преземе од веб-страницата на УНДП. Проектот поддржува спроведување на енергетско-ефикасни мерки во најмалку 100 домаќинства. Изборот на домаќинствата ќе се направи според веќе дефинирани критериуми.

Поддршката обезбедена од страна на проектот изнесува максимум 10.000 американски долари по домаќинство, во денарска противвредност. Поддршката обезбедена преку проектот ќе биде во вид на материјали и опрема, а не како директни финансиски трансфери на избраните домаќинства.

Пополнетата пријава треба да се достави во еден оригинален примерок и една копија во затворен плик со назнака за „Повик за поддршка на домаќинства од Населба Лисиче“, најдоцна до 15 септември 2020 година на следната адреса: Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Јордан Хаџи-Константинов Џинот бр. 23, Скопје.