Фото: Игор Бансколиев

Во Скопје, на екстремно високи температури, на некои булевари зелено се чека и по три минути. Пешаците се жалат на несоодветниот распоред на минутажата на семафорите. Во Германија пешаците и велосипедистите за да поминат улица можат сами да го вклучат зеленото светло на семафорот кога сакаат.

Пешаците во периодот на летните горештини мора долго да чекаат на жешкиот асфалт за да преминат улица. Често на градските сообраќајници времетраењето на зеленото светло за преминување на пешаците е сведено на минимум, а на црвеното за чекање на максимум. Граѓаните чекаат на еден семафор за да поминат само половина од булеварот, а потоа чекаат уште еден семафор за да ја поминат и втората половина. Таков е примерот со повеќе семафори, како што се оние на улицата Илинденска, на крстосницата на улицата 11 Октомври со булеварот Кочо Рацин кај зеленото пазарче, на семафорите на Партизанска кај Буњаковец,, кај ЕУ и Нова Македонија, потоа семафорот на крстосницата на булеварот Босна и Херцеговина со Бутелска и многу други.

На високите температури, чекањето од по неколку минути за да се помине улица не е многу пријатно. Некои од семафорите се и несинхронизирани и црвеното светло настапува набргу по зеленото. Ваков пример претставува и семафорот што се наоѓа кај булеварот Теодосиј Гологанов, кај „Веро“ во Тафталиџе. Пешаците треба да чекаат црвено светло една минута и 40-50 секунди, додека, пак, за поминување на улицата имаат зелено светло само осум секунди. Во овој случај доаѓањето до крајот на улицата за пешаците е невозможно, особено ако станува збор за постари лица или лица што имаат тешкотии со движењето. Во други случаи, за да се стигне дијагонално, некогаш треба да се премине крстосница преку два булевари.

Чекањето од по три минути на семафори на екстремно високите температури, кои надминуваа 40 Целзиусови степени, деновиве стана актуелна тема за пешаците. Стоењето на сонце на вакви високи температури не го препорачуваат ниту лекарите. Тие јасно кажуваат дека изложувањето на сонце и високи температури негативно може да влијае на човечкиот организам. Докторката Светлана Палевска вели дека изгореници, топлотен удар и дехидрација се само дел од несаканите ефекти што може да му се случат на организам доколку не ги почитувате препораките за заштита од високите температури и премногу долго време се изложувате на сонце. А, сепак, и долгото чекање на семафори и изложеноста на сонце и на високите температури навистина може да предизвикаат последици по оние што мораат да пешачат низ градот.

Од здружението „На точак“ тврдат дека нашиот моментален сообраќајниот систем е поставен така што им дава предност на автомобилите. Според нив, семафорите не се неутрална технологија што ја регулира безбедноста. Семафорите се програмираат да одговараат на еден начин на превоз или друг.

– Во Скопје, најголеми права имаш ако си со автомобил. Системот е програмиран за да овозможи поголем проток на возила без воопшто да ги земе предвид пешаците и велосипедите. Да, времето потребно за еден пешак со побавна брзина (повозрасен човек, лице со пречки во движењето) да премине не е воопшто параметар во системот – наведуваат на својата веб-страница „На Точак“.

Граѓани, пак, коментираат дека на ваквите раскрсници им поминува голем дел од времето. Како пример здружението „На точак“ го наведува преминот во близината на Буњаковец, каде што се потребни цели три минути за преминување на булеварот Партизански одреди.

Од градот не ги прифаќаат забелешките на граѓаните и велат дека семафорите на подрачјето на Скопје се приспособени да ги задоволат потребите на сите учесници во сообраќајот, и тоа автомобилите, пешаците, велосипедистите, лицата со посебна потреба, старите лица и сите други. Во однос на пешаците, сите семафори обезбедуваат доволно време за поминување на сообраќајниците, а на одредени сообраќајници тоа е дополнително зголемено. Исто така, во насока на овозможување безбеден сообраќај за сите, на одредени сообраќајници беа додадени и звучни сигнали за слепите лица – објаснуваат од градот Скопје.

Задолжените за сообраќај од градот додаваат дека можеби на некои крстосници и пешачки премини повеќе им се дава приоритет на автомобилите, но затоа на други крстосници и пешачки премини во градот повеќе приоритет им се дава на пешаците и велосипедистите и сите други учесници како една заедничка градска целина еднакво. Програмирањето на семафорите е дел од системот за организација на сообраќајот, при што се земаат предвид сите форми на сообраќај и сите учесници, а предвид треба да се земат и состојбата и развојот на јавниот транспортен систем.

Така е кај нас, додека, пак, во поразвиените земји им се дава предност на пешаците и на велосипедистите. Во некои градови семафорите се специјално програмирани за да му дадат приоритет на јавниот превоз, кој се движи во посебни ленти, во други на велосипедистите и на пешаците. На пример, во Германија на раскрсница или пешачки со семафор, на самиот семафор постои копче со опција што му дава предност на пешакот. По стискањето на копчето, за брзо време се вклучува зелено светло за да може пешакот да помине наместо да чека.