Овие фотографии со скапани намирници ги запалија социјалните мрежи

Не сите што практикувале онлајн-нарачка на прехранбени производи со достава биле задоволни од она што го добиле на домашната адреса, а има и такви што се изначекале додека да им стигне нарачаното. На социјалните мрежи деновиве имаше различни поплаки од граѓани, од такви дека добиле скапани производи до примери дека им стигнале производи на кои рокот им истекува само за еден ден. Не се многубројни, но се урива довербата во производителите

Седењето во изолација и денови минати во полициски часови, многумина скопјани ги натераа снабдувањето со намирници за храна да го вршат преку електронски онлајн-нарачки во маркетите и во други објекти што приготвуваат храна и вршат достава до домови. Овој нов начин на пазарување од дома на голем дел граѓани им стана полесниот, за некои можеби единствениот начин да се снабдат со потребните прехранбени производи или со готова храна. Но не сите што практикувале онлајн-нарачување биле задоволни од производите што ги добиле на домашната адреса, а има и такви што се изначекале додека да им стигне нарачаното. На социјалните мрежи деновиве имаше различни поплаки од граѓани, од такви дека добиле скапани зеленчуци и овошја до примери дека им стигнале продукти на кои рокот им истекува само за еден ден. Други се жалат дека маркетите ги немале во секое време основните намирници, како леб, сол и слично, што говори за нивната неажурност во снабдувањето. Некои, пак, пишуваат дека во нарачката не им стигнало сѐ што побарале.

„Ако се прашувате каде завршуваат отпадоците од храна, тие завршуваат во домовите на оние што направиле онлајн-нарачка со достава до дома. Мувлосани мандарини и портокали, скапани банани, овенати марули. А немале на лагер леб, масло и сол. Наместо време за достава од 12 до 16 часот, само дел од намирниците добив во 21часот. Точно време да се собере отпадокот пред затворање и да ни се остави пред врата. Непријатно е ваква храна и гратис да дадеш, а не пак ако е уредно платена. Секогаш го користам мојот електронски ѕид за фини нешта и ширење позитива. И ова нека биде фин повик до таквите маркети да не ја злоупотребуваат ваквата ситуација. Јас веќе ни во нормални услови не би пазарела откај нив“, пишува на Фејсбук Марија Садана.

Моника Т.Ј. од своето искуство што го имала го насочува вниманието на тоа дека не сите производи што ќе бидат нарачани може да пристигнат при онлајн-нарачка.
„Мало предупредување за сите што планираат да направат онлајн-нарачка, особено за време на полициски час! Најпрво, достава до дома значи достава до пред влез за оние што живеат во зграда, без разлика дали има функционален лифт или не. Второ, не пристигнуваат сите производи што биле на списокот и се платени.

Ако сте платиле онлајн, а не сте го добиле она што сте го побарале, треба да чекате парите да ви се вратат во работен ден. Јас уште ги чекам, ќе го едитувам коментаров кога и ако ми се вратат. Ова може да биде голем проблем за оние што имаат ограничен буџет и, уште полошо, што се во самоизолација, карантин или ако порачале за време на полициски час. Што се однесува до сметката, оригиналната излезе 3.400 денари, за што не ни беше наплатена достава. Над 2.500 денари доставата е бесплатна. Имајќи го тоа на ум, новата сметка со нешто повеќе од половина од порачаните производи не надминуваше 2.500 денари за ситно (интересна коинциденција), па затоа згора на сѐ ни беше наплатена и достава“, пишува Моника Т.Ј.

Таа додава дека за оние производи што ќе успеат да стигнат, граѓаните може да очекуваат некои да бидат заменети со тоа што претпоставува дека им дошло прво при рака. Па, вели дека ако некој нарачал кафен шеќер од една фирма, големи се шансите дека ќе му стигне кафен шеќер од друга.
„Можеби ќе си кажете шеќер како шеќер сеедно е, важно да го имам, ама за оние како мене со здравствен проблем, производите со глутен (како пристигнатиот шеќер) се неупотребливи. Исто така, некои производи може да дојдат во помало или поголемо количество од тоа што било нарачано. Единственото нешто што беше во ред е тоа што дојдоа во закажаниот термин“, дополнува во својата подолга објава Моника Т.Ј.
Ана Богуновиќ потврдува дека и таа имала слично искуство со непочитување на терминот на нарачката. „Кај мене ни терминот не го испочитуваа и доцнеа еден ден. Некои од производите имаа рок уште еден ден од денот на доставата. Не препорачувам, ако во меѓувреме нешто не се поправи“ вели Богуновиќ.

Елизабета Ефтимовска, пак кажува дека нарачката ја чекала цели осум дена и без најава ѝ биле донесени само половина од производите.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија велат дека и кај нив стигнале поплаки од потрошувачи за онлајн-нарачки, но не се во голем број. Поплаките на потрошувачите се однесувале на производи со поминат рок и за доцнење на нарачките.

-Незадоволните купувачи треба да направат приговор или да побараат да им се вратат парите или да им бидат заменети производите со други. Ние не можеме многу да помогнеме во вакви случаи. Граѓаните што се незадоволни од добиените производи треба да ги фотографираат и да се пожалат кај организаторот на онлајн-нарачката, бидејќи купувачот не ги добил намирниците што можеби ги планирал за да приготви ручек, останал значи без планираните производи. За секој што организира онлајн-нарачки има поставено одредени правила, кои се наведени и треба да се види дали тие се испочитувани – појаснува Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи.
Сите што имаат поплака во однос на онлајн-нарачките, а сметаат дека треба да го пријават тоа во Пазарната инспекција, може да се јават на телефонскиот број 191.