Возачите не го користат разгласот за да соопштат промена на маршрутата Фото: Маја Јаневска-Илиева

Погрешните информации ги оставаат граѓаните долго да чекаат по постојките. Не функционираат ниту дисплеите во автобусите, нема информацииja колку празни места има за седење на горниот кат, па поради тоа често патниците се туркаат по скалите да проверат сами

Можно ли е дисплеите со времето на пристигнување на автобуските постојки да им ги даваат вистинските информации на патниците? Во реално време да ги информираат оние што чекаат кога ќе им дојде автобус или дека во следниот час нема да сообраќа соодветната линија во тој дел од градот, туку ќе минува по изменета траса? Токму поради тоа што овие дисплеи на јавното сообраќајно претпријатие често не функционираат или покажуваат погрешна минутажа, многупати граѓаните остануваат неинформирани и висат по постојките. За една таква случка граѓани даваат пример кога повеќе од еден час чекале автобус на линијата со бројот 57 на автобуската постојка „Рекорд“ во правец од Козле кон населбата Радишани. Неколку возила заминале во правец кон Козле, но ниту едно оттаму не пристигнало во центарот на градот, иако на дисплејот од информативната табла постојано се менувале информациите дека „57“ ќе пристигне за две минути, за пет минути.

Ваквите неточни информации на електронските табли поставени на постојките всушност ги оставиле граѓаните да чекаат цел час. Слични ситуации се случувале и на други линии. Сепак, најголем метеж најчесто се случува кога има протести со затворени улици, за кои граѓаните не се информирани, па кога се враќаат од работа не знаат кои автобуски линии каде сообраќаат, по кои траси или, пак, воопшто и не сообраќаат. Често не функционираат ниту дисплеите во самите автобуси, па, така, на пример патничка кажува дека иако автобусот стоел на автобуската постојка кај паркот „Жена-борец“, на дисплејот одела информација дека е постојка пред поликлиника „Букурешт“. На истите дисплеи нема информации колку празни места има за седење на горниот кат, па поради тоа често патниците се туркаат по скалите за да проверат сами.

Многу патници остануваат неинформирани дури и во ситуации кога возачот ќе ја промени маршрутата од која било причина, најчесто поради протести или собири. Повеќето возачи тогаш не го користат разгласниот систем за да ги информираат патниците од каде ќе продолжат да сообраќаат. Поради тоа патниците се затечени и нервозни, па слегуваат од автобусот на непланирани постојки, за потоа да најдат алтернатива како да стигнат таму каде што тргнале. Ваквите ситуации ги прават граѓаните уште понервозни и поради фактот што однапред ги дополнуваат билетите и го планираат бројот на возења, па поради непредвидените случувања се принудени да пешачат и да крстосуваат низ градот, но и да доцнат на местото каде што испланирале да стигнат во одредено време.

Зошто дисплеите на автобуските постојки и оние во автобусите не функционираат во вистинска смисла на зборот ги прашавме во ЈСП „Скопје“, а оттаму, и по една недела, немаа конкретен одговор. Не кажаа ниту дали можеби во иднина ќе направат поинаков концепт, со кој граѓаните ќе добиваат навремени и точни информации.

– Се случи некаде на почетокот на месецов, бев на работа од 8 до 17 часот, а беше студен ден и едвај чекав да се качам во автобус, да стигнам дома. Чекав „57“ на „Рекорд“, а на дисплејот покажуваше дека ќе дојде за пет минути, потоа за две минути и така, постојано во надеж дека автобусот ќе пристигне, стоев еден час, како и сите други. Откако измрзнав, поради лажните информации од дисплејот на ЈСП, си фатив такси за да стигнам дома доцна во вечерните часови. Многупати сум бил надвор од земјава, ама никаде не е вака – вели студент од Факултетот за бизнис и администрација.

Од ЈСП потврдија дека дел од автобуските линии токму на 2 декември поради протести не сообраќале преку центарот на градот, но не одговорија зошто на дисплеите немало информација за тоа. Дали е до софтверот или само малку повеќе респект и грижа кон редовните патници, кои однапред ја плаќаат цената на услугата, од претпријатието нема конкретен одговор.