Фото: Игор Бансколиев

Најчесто оние од внатрешноста и туристите, но се случува и оние што живеат во градов да завршат во диво такси. Дури на крајот од дестинацијата сфаќаат дека треба да платат повисока цена. Само лиценцираните автотакси-превозници законски се обврзани да издадат фискална сметка за услугата, другите треба да се пријават

Диви таксисти не престануваат да ловат патници на фреквентни локации низ градов. Постојана цел им се странци и граѓани од внатрешноста, за кои веднаш проценуваат дека можат да им го наплатат патувањето од ракав, а не по изминат километар. Се случува и оние што живеат во градов дали од брзање или од невнимание да завршат во диво такси, а притоа и да не се свесни дека не користат услуга за превоз од лиценцирано такси. Дури на крајот од дестинацијата сфаќаат дека треба да платат повисока цена отколку кога би се возеле со стандардните лиценцирани автотакси-компании. Од градот истакнуваат дека лиценцираните автотакси-превозници законски се обврзани да издадат фискална сметка за извршената услуга. Доколку граѓаните имаат случај каде што не им е издадена фискална сметка, тоа треба да го пријават до градот Скопје или до соодветните државни институции што се надлежни за контрола на оваа појава.

Самите таксисти велат дека на прв поглед е тешко да се препознае дали едно такси е лиценцирано. Нелојалната конкуренција што ја создаваат претставува проблем и за економијата во државата. Еден див таксист без мерни инструменти и давачки кон државата може да заработи трипати повеќе отколку лиценциран таксист. Од Асоцијацијата на легални такси-превозници во претходните месеци во неколку наврати го изнесоа проблемот со нелојалната конкуренција во автотакси-превозот. Од градот Скопје велат дека работат на случајот и дека казнуваат, но колку е тоа ефектно ако нелегалните таксисти непречено превезуваат патници и им се постојана конкуренција на оние што легално заработуваат. Градските власти знаат дека има 2.400 лиценцирани таксисти, а колку се нелиценцирани, односно работат на диво, немаат евиденција и покрај тоа што вршат редовен, вонреден и контролен инспекциски надзор.

Нелегалните таксисти немаат лиценци за работа, немаат ниту стандардизирани таксиметри, кои знаат да ги нагодат по свое. Затоа цените може да станат двојно или тројно повисоки, особено кога им се наплатува на туристи. Дивите таксисти се најсигурни дека ќе заработат, кога ќе им наидат оние што не го познаваат градот. Граѓаните велат дека можат многу скапо да го платат превозот во диво такси, особено туристите.

– Кога одам или се враќам од странство си нарачувам такси од официјална такси-компанија. За враќање ако нарачам телефонски ме чини 900 денари, ако начекам такси од аеродром ме чини 1.200 денари. Сѐ што е над таа цена не е легално такси. Иако мислам дека сега не примаат нелегални таксисти на аеродромот, претпоставувам дека работат само со одредени компании, имам другари што платиле и по 2.000 и 3.000 денари за превоз. Диви таксисти порано забележував кај факултетите кај „Мавровка“, кај главната железничка и автобуска станица и на скопскиот аеродром. Колега од Германија, кој кратко отседна кај нас, за превоз од факултетот ФОН во Аеродром до рекорд во Центар платил 900 денари. Кај нас треба да си навистина внимателен кога влегуваш во такси – вели Ѓорги Јолевски.
Законот за превоз во патниот сообраќај, освен санкционирање со глоба од 500 евра, предвидува и привремено одземање на автотакси-возилата на оние што не поседуваат извод од лиценци за возилото.

– Во Скопје има околу 2.400 лиценцирани такси превозници, а немаме конкретен податок за бројот на нелиценцирани таксисти. Инспекторите за патен сообраќај спроведуваат надзор на три начини и тоа: редовен, вонреден и контролен инспекциски надзор, при што се утврдува дали субјектите што се предмет на надзорот ја поседуваат потребната документација во согласност со законските прописи за вршење превоз на патници. Секаде каде што е констатирано дека е направен прекршок, во согласност со законските надлежности, инспекторите поднесуваат барања за поведување прекршочна постапка до надлежниот орган, односно до Комисијата за водење прекршочна постапка при Министерството за транспорт и врски.

Во текот на 2018 година, инспекторите од Одделението за инспекција на патен сообраќај и инспекција на патишта на терен работеа со четири овластени инспектори, извршени се 231 контрола на превозници, од кои 116 во редовен инспекциски надзор, 38 преку контролен инспекциски надзор, како и еден вонреден инспекциски надзор по претходна претставка. Како резултат на активностите на нашите инспектори, доделени се 35 решенија за привремено одземање на возила, а направени се и голем број записници каде што се санкционираат такси-превозници – велат од градот Скопје.
Санкциите и решенијата за привремено одземање возила, очигледно, не се доволни затоа што дивите таксисти не само што и натаму возат по скопските улици, туку дивеат со цените, а жртви се граѓаните.

[email protected]