„Чисти и здрави“ е насловен едукативниот проект што започна да се реализира во претшколската установа „Фидани“ во општината Чаир. Идејата е децата од рана возраст да се стекнат со навики за чиста природа. Надлежните од општината сметаат дека реализацијата на овие проекти е многу важна и неопходна за здрава иднина на овие мали деца и за издигнување на јавната свест.

– Креативниот начин на пренесување на знаењата за чистата животна средина преку илустрирани книги, едукативни видеоматеријали и забавни апликации несомнено ѝ недостигале на едукативната методологија што се аплицира во детските градинки. Сега полесно и со поголема ефикасност, негувателките и посебно родителите ќе можат да придонесат децата да ја сакаат природата и да го поттикнуваат нивното примерно однесување – вели градоначалникот на општината Чаир Висар Ганиу.

Ганиу го одбележа почетокот на имплементацијата на овој едукативен проект заедно со амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада, министерката за труд и социјална работа Мила Царовска, директорката на детската градинка „Фидани“ Гзиме Бакиу и со децата. Проектот ќе се реализира во соработка со друштвото за регионален развој „Балкан економик форум“, „Цивика мобилитас“ и „Пакомак“.