Фото: Маја Јаневска-Илиева

Учениците во сите осум основни училишта во општината Аеродром, од вчера немаат ниту ужинка ниту топол оброк. Неизвесно е до кога ќе трае ваквиот несекојдневен настан, што е резултат на некоординираноста на општинските надлежни служби со доставувачите на храна за учениците на основните училишта во скопската општина Аеродром

Учениците во сите осум основни училишта во општината Аеродром, од вчера немаат ниту ужинка ниту топол оброк. На првиот ден од второто полугодие, децата се принудени да носат храна од дома, бидејќи сѐ уште е во тек тендерската процедура за избор на фирма што треба да им обезбедува храна на децата цело полугодие.

Ранците на учениците од вчераутро од дома им се наполнети со сендвичи, кроасани, чипс, бели печива, јогурт, овошје…

Засега е неизвесно до кога ќе трае ваквата несекојдневна масовна појава, која е резултат на некоординираноста на општинските надлежни служби со доставувачите на храна за учениците на основните училишта во општината. Родителите се револтирани поради тоа што за ова биле известени многу доцна, а причината е во тоа што сѐ уште трае тендерската процедура за избор на фирма што треба да обезбедува храна за учениците во училишните мензи.

– Ние родителите имавме потпишано договори со претходната фирма и тие договори траеја до 31 декември. Тоа значи дека сите ние, но и одговорните во општината знаеја дека од второто полугодие ќе нема фирма доставувач. Проблем е што не знаеме до кога ќе трае ова, уште колку денови ќе треба да им купуваме сува храна. Не е толку проблем ужинка да му испратам на моето дете, колку што се проблем појадокот и ручекот. Сепак, на училиште во целодневна настава се од 7.30 до 16 часот, што воопшто не е малку време и ужинки нема да ги држат децата сити. Потребни им се подобри и пообилни оброци – вели мајка на третоодделенец во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во населбата Острово.

На социјалните мрежи многумина родители реагираа поради ваквата новонастаната ситуација. Повеќе анкетирани родители го издвојуваат фактот што некои наставнички им сугерираат да си ги земаат децата од училиште околу 12 часот, поради проблемот со храната. Родителите се сигурни дека се тоа добронамерни совети од страна на наставниците, но тие се во недоумица што да направат бидејќи ако постапат така, на родителите им се отвора нов проблем, односно тоа е згрижувањето на нивните деца, додека се тие со обврски на работното место.

– И јас и сопругата сме на работа до 17 часот. Нема кој да ја земе ќерката од училиште во 12 часот. Сево ова ни го поместува функционирањето. Многу неодговорно однесување. Плус, целодневна настава има до 15 часот. Ако децата си одат во 12, како ќе се реализира наставната програма, како ќе се надомести она што го губат? – прашува револтиран татко на третоодделенец во „Лазо Ангеловски“.

Како што информираат од општината Аеродром, децата немаат храна бидејќи тендерот не е затворен поради жалбена постапка што е во тек. Оттаму уверуваат дека децата ќе бидат без храна до крајот на неделава и дека од следната работна недела проблемот ќе биде решен.

На територија на општината Аеродром има осум основни училишта, во кои учат околу 6.600 ученици од прво до деветто одделение. Топлиот оброк, составен од појадок, ручек и десерт, ги чини родителите околу 1.500 денари месечно.

Фото: Маја Јаневска-Илиева