Запознаени сме со проблемот и од страна на јавното комунално претпријатие „Сопиште“ редовно се чисти, но исто така и редовно се загадува од несовесни граѓани во текот на ноќните часови. Комуналната инспекција има надлежност да контролира во текот на денот, односно во дневните часови, кога се создаваат диви депонии од превозници на шут, велат од Општина Сопиште

ЖИТЕЛИТЕ НА РАКОТИНЦИ СО ПОСТОЈАНИ ЖЕСТОКИ РЕАКЦИИ ЗА ЕДЕН ПЕРМАНЕНТЕН ПРОБЛЕМ

Детските игралишта, независно дали се со лулашки или пак со терени за играње фудбал и кошарка, секогаш биле болна тема во нашето општество, од причина што повозрасните деца, но и лицата што се веќе полнолетни, никогаш не знаеле како да се однесуваат на овие локации. Узурпирањето на овие локации за вечерни седенки и за забавување остава последици на игралиштата, поради што најмладите за кои се наменети не можат да ги користат.
Сликата на игралиштата секогаш е иста. Доколку станува збор за лулашки, во вечерните часови може да се забележат повозрасни млади лица како се лулаат, консумираат алкохол, но честопати може да се видат и како ги кршат и уништуваат детските игралишта. Поради таквите вечерни егзибиции, по нивното забавување, на игралиштата останува големо количество ѓубре, пластични шишиња, хартии од храна и искористени влажни марамчиња.
Безбедноста на најмладите што ги користат овие локации е загрозена затоа што има искршено стакло, кое лесно може да им направи исеченици на малите деца што играат на игралиштата.
Ништо подобра не е ниту сликата на игралиштето за фудбал и кошарка во скопско Ракотинци, во непосредна близина на општинската зграда.
Овде сликата е застрашувачка, затоа што освен огромното количество ѓубре, при посетата на екипата на „Нова Македонија“ можеа да се забележат голем број искористени презервативи, кои претставуваат извор на зараза за секој што го посетува тоа игралиште.

Жителите се гневни на оваа состојба. Револтирано велат дека такво нешто на детско игралиште никако не смее да се случува.
– Иако ова е игралиште на кое не одат само мали деца туку и возрасни, не можам да не се запрашам како воопшто не им е грозно да доаѓаат тука, со оглед на тоа што навистина количеството на ѓубре и презервативи е големо. Револтирана сум затоа што во близината на мојата куќа ова е единственото игралиште каде што можам слободно да го пуштам син ми да игра, меѓутоа по последната посета, веќе никогаш нема да стапнам таму. Син ми има три години, сака да трча и да игра со топка, а оваа локација е одлична за тоа. Меѓутоа, викендов кога бевме, навистина се разочарав од тоа што го видов. Имаше минимум шест искористени презервативи, марамчиња, шишиња од пиво и вино и што ли уште не.

Син ми е мал, не разбира што смее а што не смее да допира. И да не допира, доволно е да падне врз презервативите. Гневна сум навистина, дополнително и згрозена. За сѐ си има соодветно место. Детското игралиште не е наменето за вечерни рандевуа. Доколку го користат за такви работи, барем нека си ги фрлаат презервативите во канта за отпадоци – револтирано вели Б.Б., жителка на Ракотинци.
Таа додава дека независно колку се чисти од страна на надлежните, за ден-два ѓубрето повторно се појавува на игралиштето.
– Залудно се чисти, кога истата вечер на игралиштето има минимум петмина млади што пијат, кршат, викаат, пуштаат гласна музика… Некои од нив и со возила влегуваат таму – вели таа.

Општинските власти велат дека редовно се чисти игралиштето, но додаваат дека несовесноста на граѓаните е толку голема, што за многу кратко време повторно се загадува.
– Запознаени сме со проблемот и од страна на јавното комунално претпријатие „Сопиште“ редовно се чисти, но исто така и редовно се загадува од несовесни граѓани во текот на ноќните часови. Комуналната инспекција има надлежност да контролира во текот на денот, односно во дневните часови, кога се создаваат диви депонии од превозници на шут – велат од Општина Сопиште.

[email protected]