Општините дератизираа која кога стигна Фото: Игор Бансколиев

Годинава поради присуството на коронавирусот се задоцни со дератизацијата, се надевам дека нема да има поголеми последици, вели инженерката агрономка Николина Соколовска од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје. Секоја општина сама избира време и начин, а со таа несинхронизираност се намалуваат ефектите од преземените мерки

Присуството на коронавирусот влијаеше на сите сегменти во животот, а стана и причина за задоцнета дератизација во општините. И не само што редовната годишна акција за уништување на глодачите задоцни туку беше несинхронизирана по што, како што тврдат експертите за оваа проблематика, не може да даде стоотстотни резултати. Ако уништувањето на глодачите не се направи едновремено во сите општини, тоа би значело дека дека постои можност тие да прошетаат од една до друга општина, да имаат поповолни услови за размножување, што би била многу непожелна состојба во услови кога се води битка и со заразата од коронавирусот. Со таа акција, освен општините пожелно би било да се прави дератизација во стопанските објекти, во деловните простории, како и во домовите, особено во објектите за колективно домување. Но и таму има затајување и таа дератизација не се врши според пропишани норми, односно не се врши воопшто.
Дератизацијата по правило треба да ги опфаќа сите канализациски мрежи за да го спречи размножувањето на глувците, да ги уништи овие штетници за да го спречи ширењето заразни болести предизвикани токму од глодачите. Затоа и е важно таа да се изведува едновремено.

– Една општина за да реализира една дератизација ѝ се потребни две до три недели, бидејќи екипите мора да одат пеш од шахта до шахта за да го остават отровот. Не треба уште толку време да помине за да дератизира некоја од соседните општини. Уништувањето на глодачите треба да се направи центрирано и интегрално. Но, за жал, ЗЕЛС дозволи да се прави тоа одделно, така што секоја општина одделно со тендери ангажира фирма за да изврши дератизација, но во различно време, постапка што ги намалува ефектите. Секоја од ангажираните фирми може да фрли различно количество отров, на различен начин да го третира проблемот, зависи колкав број шахти ќе се опфатат и слично. Ние како Центар за јавно здравје и Служба за дератизација, дезинфекција и дезинсекција секоја година до 31 јануари им даваме елаборат на општините со какви средства да дератизираат и колкаво количество отров да употребат. Но тендерските процедури на општините го одолжуваат процесот, а потоа се поставува и прашањето колку ангажираната фирма е подготвена да ги изврши работите според планираното. Годинава поради присуството на коронавирусот се задоцни со дератизацијата, се надевам дека нема да има поголеми последици – вели инженерката агрономка Николина Соколовска, од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје.

Општина Чаир уште во средината на март ја реализира пролетната дератизација, а за постапката ја имаше ангажирано фирмата „Зотокс“. Третирани беа околу 120 шахти. Нејзината соседна Општина Бутел започна да дератизира завчера, почнувајќи од северниот дел на општината и ќе заврши в понеделник. Постапката ќе ја реализира Центарот за јавно здравје – Скопје, а ќе бидат опфатени 1.200 шахти. Општина Гази Баба веќе неколку дена врши пролетна дератизација. Нешто повеќе од еден месец по Општина Чаир, кон средината на април со уништувањето на глодачите започна Општина Кисела Вода, а работите на терен ги реализира во соработка со Центарот за јавно здравје. Со пролетната дератизација ги опфати сите месни и урбани заедници, а вкупно беа третирани 3.863 шахти. Општина Карпош дератизира на почетокот на април во сите 14 урбани заедници.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека дератизацијата веќе ја завршиле минатата недела, а биле поминати 2.500 шахти во руралниот и во урбаниот дел на целата територија. За уништувањето на глодачите ја ангажирале фирмата „Зотокс“. Само пред три дена започна да дератизира и Општина Аеродром. Спроведувајќи ја пролетна дератизација во соработка со Центарот за јавно здравје, беа опфатени 3.000 шахти и беа поставени 9.000 мамки. Како што информираа надлежните, во дератизацијата биле вклучени и сите основни училишта и градинки на територијата на општината, но не прецизираа која фирма ги извршила работите.
Пролетната дератизација е почната на територијата на Општина Центар и таа ќе трае неделава, за да бидат опфатени сите шахти. Оваа скопска општина ја има ангажирано фирмата СТАРС ДООЕЛ увоз-извоз од Скопје.

– И други години претходно дератизацијата се изведувала несинхронизирано, иако многупати досега сме давале предлози таа се прави едновремено, односно таа да се централизира како порано кога ја водеше Град Скопје. Со една јавна набавка да се дератизира во сите општини. Покрај дератизацијата на објектите во општините е потребно едновремено да направат дератизацијата и граѓаните во своите домови, во колективните станбени згради, но интересот е многу мал. Заедниците на станари се доволно информирани, но сепак тие нѐ повикуваат само кога има проблем – објаснува Николина Соколовска.