Скопјани денеска ќе можат да уживаат и да се забавуваат на несекојдневното четиринаесетто издание на „Бела ноќ“, кое ќе биде збогатено и со фестивал на светлината, направен по теркот на најпознатите светски фестивали. На покривот на ГТЦ ќе има кинопроекција и уште многу други содржини. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов, и директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев, на конференцијата за медиуми вчера ја објавија програмата за годинешното издание на „Бела ноќ“, а граѓаните можат да ја видат преку линкот: http://belanok.mk.
– Оваа година ќе имаме несекојдневно издание на „Бела ноќ“. Четиринаесетгодишното постоење на оваа веќе препознатлива манифестација на градот првпат ќе биде збогатено и со фестивал на светлината, односно „Скопје лајт арт дистрикт“. Овој фестивал е направен по теркот на најпознатите светски фестивали на светлината, а е поддржан во рамките на РОК-проектот, проект на програмата на ЕУ – Хоризонт 2020.

Тука морам да ја напоменам и несебичната поддршка на градот Лион, каде што постои најстариот фестивал на светлосна уметност – рече вчера градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека организаторот на ова издание на „Бела ноќ“ се потрудил да вклучи што повеќе странски и домашни уметници, но и да анимира нови алтернативни културни простори што во иднина ќе се користат за одржување вакви или слични настани.
– Во јуни и во септември имавме четири несекојдневни проекции на кино на отворено во Градскиот парк, а овој пат ја имаме можноста да уживаме во кино на покривот на Градскиот трговски центар. Во ГТЦ веќе активно живее галеријата на отворено и се покажа како место што го сакаат граѓаните на Скопје. Таму ќе се случува „Ролер диско“, а за поздрав е и тоа што првпат годинава во програмата се вклучени и средните училишта во Скопје – нагласи Шилегов.

Директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев, кој е главен организатор на Фестивалот на светлината, најави настапи на 16 артисти на тридневниот фестивал што ќе изобилува со најразлични видови светлосни инсталации. Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е градот Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар – Скопје. За време на одржувањето на „Бела ноќ“, организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП, кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.