Неодамна дури и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на својата фејсбук-страница објави дека во скопски Чаир, поточно во „Чаирчанка“, на улицата Цветан Димов, несовесни граѓани успеале да исечат и да однесат еден од столбовите за улично осветлување

Уништувањето на јавните добра од страна на несовесните граѓани никако да запре. Речиси насекаде низ градот може да се забележат скршени канти за отпадоци, улични светилки, клупи, заштитни столпчиња и други предмети што се поставени за разубавување на метрополата и за граѓаните на кои тие најмногу им користат. Меѓутоа, се чини дека сите граѓани не заслужуваат осветлување и клупи, бидејќи постојано во Скопје се случува да се кршат и да се уништуваат без некоја особена причина.
Неодамна дури и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на својата фејсбук-страница објави дека во скопски Чаир, поточно во „Чаирчанка“, на улицата Цветан Димов, несовесни граѓани успеале да исечат и да однесат еден од столбовите за улично осветлување.

– Благодарение на совесните граѓани што го пријавија случајот, сторителите беа фатени на дело, заработија казни од градската инспекција и полицијата, а до крајот на денот столбот беше повторно поставен на истото место – напиша градоначалникот.
И, за жал, ова не е прв ваков случај. Уличното осветлување постојано се крши и оштетува. Сличен случај беше забележан на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, кој е споен со улицата Цветан Димов, на самата автобуска станица, во населбата Бутел 2. Целиот тротоар беше блокиран од падната улична светилка, која очигледно некому му пречела, па успеал да ја турне на земја.
– Постојано се оштетуваат уличните светилки во оваа населба. Постојано општинските власти ги поправаат, но граѓаните упорно ги кршат.

И тврдам дека станува збор за деца на возраст од околу 16-17 години, бидејќи постојано ги гледам како кршат. Еднаш се обидов да им кажам да не ги оштетуваат, бидејќи уличките се темни без нив, меѓутоа, ми се нафрлија дека мене ќе ме нападнат ако продолжам да зборувам. Секако дека се повлеков, воопшто не ми паѓа на памет да се расправам и да си навлечам проблеми – изјави Иле П., жител на оваа населба.
Тој додава дека не знае кој ја турнал светилката што паднала на самата автобуска станица, но претпоставува дека повторно го направиле тоа деца што немале што да прават, па на тој начин го пополнувале времето.

– Ниту мајки со колички можеа да поминат на тротоарот, ниту велосипедисти. Тие и постарите лица мораа да се симнуваат на улицата за да поминат, а другите ја прескокнуваа светилката – истакна тој.
Дека градските и општинските власти постојано трпат вакви штети потврдија и од Градот, од каде што велат дека ваквите појави се сѐ почести.
– За жал, сѐ почеста е појавата на уништување на јавните добра од страна на несовесни граѓани, без разлика дали станува збор за јавното осветлување, урбаната опрема (клупи, канти за отпадоци), столпчињата и слично – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека Градот е задолжен за осветлувањето на сообраќајниците, објектите и јавните површини што се во нивна ингеренција.
– Тоа го правиме преку редовно распишување јавен повик за одржување на јавното осветлување и инфраструктурните објекти во надлежност на Град Скопје и изведба на привремени приклучоци од мрежата на Град Скопје.

За оваа година е спроведена јавна набавка и за одржување на јавното осветлување, избрана е фирма – друштво за проектирање, инженеринг и промет „Електроизградба“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје. Во согласност со овој договор, компанијата е должна по известување од наша страна во краток временски период да врши услуги како што се демонтажа на оштетениот светлосен столб, монтажа на нов, менување светилки и рефлектори и слично – велат оттаму.

[email protected]