Пандемијата на коронавирусот запре дел од градските проекти / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Градот признаваат дека има проекти што не се реализираат поради коронавирусот или ќе доцнат, но истовремено истакнуваат дека успешно се реализираат градежни зафати на повеќе градски сообраќајници. Поради затворањето на фабриките и на границите во цела Европа, има застој и во испораката на 33-те еколошки автобуси за јавниот градски превоз

Пандемијата на коронавирусот запре дел од проектите што требаше да ги реализира Градот, а за некои ги измести предвидените рокови за нивната реализација. Одложено е обновувањето на градските дрвореди, кое требаше да биде направено пролетва. Беше најавено дека на 12 март во Скопје ќе пристигнат 17 од 33-те нови црвени автобуси. Покрај единечните од фабриката на „Ман“, се чекаат и зглобни енергетски ефикасни автобуси. Поради коронавирусот, градот има проблем да набави и резервни делови за сегашните кинески автобуси што се возат во јавното сообраќајно претпријатие.

Објаснуваат дека поради состојбата со коронавирусот и затворањето на фабриките и на границите во цела Европа, имаат и застој во испораката на 33-те еколошки автобуси, поради што ќе доцни нивната испорака во Скопје.
Запрени или одложени се и поголем број јавни повици и конкурси од областа на спортот и културата, а одложено е и одржувањето на „Скопскиот Визер-маратон“. Со одлука на вонредната седница на советот на Градот, целосно се запрени и сите работи и кредити за проектот за изградба на новиот забавен парк.

Пандемијата е причина и за привремен прекин на проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“, проект за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост, кој се реализираше во 11 средни училишта, а ќе продолжи кога ќе профункционираат училиштата.
Од Градот признаваат дека има проекти што не се реализираат поради коронавирусот или ќе доцнат, но истакнуваат дека доста градежни зафати успешно се реализираа на повеќе градски сообраќајници.

– Градежните работи и динамиката на капиталните проекти што се финансирани од страна на Градот се одвиваат во зависност од условите на терен, можностите и фазата во која се наоѓа проектот. Деновиве се реализираат финалните асфалтирања на улици што беа во завршна фаза, поточно на проектите што генерално беа подготвени за оваа постапка веќе подолг период, но се чекаа поволни временски услови за нивна реализација. Овие неколку недели почнаа финалните асфалтирања на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, потоа проширувањето на булеварот Никола Карев, таканаречената пластичарска улица, како и првата фаза од проектот за изградба на булеварот АСНОМ.

Изминативе еден-два месеца екипи на ЈП „Улици и патишта“ беа ангажирани во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ , на чистење на просторот за нова монтажна болница, изградба на нов пристап, асфалтирање улици и паркинг. Се работи и на булеварот Босна и Херцеговина, втората фаза од реконструкцијата на улицата Индира Ганди во Шуто Оризари, на нов кружен тек во Чаир, меѓу улиците Втора македонска бригада и Ќемал Сејфула, објаснуваат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека изминатиов период интензивно, со засилено темпо и ноќно работење, се реконструира и прошири булеварот Никола Карев, кој е една од најважните сообраќајници во Скопје, бидејќи поврзува четири општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош. Затоа оваа реконструкција е посебно значајна и од особен интерес за граѓаните, кои во голем број секојдневно се движат и поминуваат во овој фреквентен дел од градот. Штом ќе се заврши со асфалтирањето на коловозот, булеварот ќе биде обележен со хоризонтална сообраќајна сигнализација и наскоро, според предвидениот рок, ќе биде пуштен во употреба.