Фото: Маја Јаневска-Илиева

Први Октомври е прогласен за светски ден на старите лица. Веќе 20 години во Љубљана се организира најголемиот европски Фестивал за трета животна доба (ФТЖД).

Македонските пензионери учествуваа на овој Фестивал од 2009 година. Првата година, најпрво во Македонија дојде делегација од Словенија која ја воспостави соработката, а на фестивалот учествуваше делегација од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Веќе во 2010 година во Љубљана покрај официјалните претставници од СЗПМ учестуваа претставници од Универзитетот за трета доба од Скопје и културно уметничкото друштво од ЗП Куманово.

Со цел да биде одадено признание за десетгодишното учеството на Фестивалот од 2009 до 2018 година, на Драги Аргировски, тогашен секретар и претседател на СЗПМ и на Илија Глигоров, проект-менаџер на проектот „Учество на македонските пензионери на Фестивалот за трета животна доба во Љубљана“, во Скопје допатува делегација на раководители на овој Фестивал. Тие на многу свечен начин им врачија официјални признанија на двајцата лауреати и притоа со емоции искажаа факти и случувања во меѓусебната меѓународна и пријателска соработка.

Добитниците на признанијата се заблагодарија на честа која им е укажана и изразија задоволство што соработката продолжува, затоа што македонските пензионери се докажани и барани на овој Фестивал. Во делегацијата од Словенија учествуваа: Тихомир Ковачиќ, директор на ФТЖД, Адреј Јус, потпретседател на Програмскиот совет, Антон Донко, член на раководтсвото на ФТЖД и поранешен претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Словенија, Марјан Шифтар, потпретседател на Програмскиот совет за меѓународна соработка и поранешен амбасадор на Словенија во Македонија, Јанез Левец, директор на ПРОЕВЕНТ организатор на ФТЖД, Мелита Ремшкар, директорка на проектот, Вања Ситар, водителка на Програма на ФТЖД и Мира Донко, член на делегацијата.

За време на престојот во Македонија делегацијата од ФТЖД имаше и други активности. Денеска тие ја посетија познатата винарница „Стоби“ каде што имаа средба со раководството за соработка на пролетниот и есенскиот Фестивал на вино во Љубљана. На средбата раководителите од Љублана, на Драги Аргировски и Илија Глигоров им дадоа покани да бидат почесни гости на јубелејното дваесетто издание на Фестивалот за трета животна доба-2020. И.Г.