Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во текот на изминатите неколку недели изврши перење и дезинфекција на контејнери во повеќе скопски општини. Во оваа акција беа зафатени садовите за исфрлање комунален отпад од општините Карпош, Центар, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Чаир. ЈП „Комунална“, исто така во рамките на акцијата, покрај перењето и дезинфекцијата на контејнерите, во претходно споменатите општини изврши и замена на старите и дотраени, со комплетно нови садови за исфрлање отпад.

Чистењето на контејнерите се извршувало така што тие се транспортираа во Центарот за селекција на отпад во општината Карпош, каде што се спровеле нивно перење, репарација и дезинфекција, додека со помош на автоцистерни се изведува и комплетно перење на џебовите на местата на кои тие се поставени во општините.
Директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани, изјави дека во рамките на акцијата, вкупно 155 дотраени контејнери на 28 локации се заменети со нови и дека во претстојниот период претпријатието има во план да продолжи со ваков тип активности не само во Карпош, Центар, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Чаир туку и во сите други скопски општини. Шабани објасни дека целта на оваа акција е да се подобри хигиената на садовите за исфрлање на отпадот, како и на самите локации, за да се избегне ширењето на непријатните миризби.