Некои од скопските општини веќе прават вонредна дезинфекција на станбените згради, а други чекаат да им пристигнат нарачаните препарати. Кризните штабови имаат дадено наредба до заедниците на станари и до управителите да се грижат редовно за хигиената во колективните станбени објекти и да дезинфицираат

Наредба од кризните штабови и општинска поддршка

Хигиената во станбените згради и дезинфекцијата на влезовите се повеќе од значајни во борбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот. Можат да дезинфицираат по договор и самите станари со хлорен препарат, но особено е важна и помошта од општините. Некои од скопските општини веќе прават вонредна дезинфекција, а други, пак, чекаат да им пристигнат нарачаните препарати. Кризните штабови на некои од општините имаат дадено наредба до заедниците на станари и до управителите да се грижат редовно за хигиената во колективните станбени објекти и да дезинфицираат. Општина Карпош веќе прави вонредна дезинфекција на сите колективни станбени згради што имаат повеќе од осум домаќинства. Со оваа активност почна во вторникот, но, како што информираат надлежните, интензивно продолжува до крајот на неделава, кога се очекува да бидат дезинфицирани сите згради во Карпош.

– Како резултат на повеќе прашања и дилеми од граѓаните, сакаме да известиме дека станува збор за еднократна поддршка од општината, како резултат на состојбата со коронавирусот. Оваа дезинфекција не треба да ги одложи тековните активности за одржување хигиена и дезинфекција на зградите, кои се планирани од заедниците на сопственици или од куќните совети. Општина Карпош во изминатиот период презеде повеќе активности за заштита на здравјето на граѓаните: се миеја локалните улици и урбаната опрема, извршена е дезинфекција на сите училишта и градинки, а активни се и мобилните тимови за поддршка на ранливите групи за набавка на храна и лекови и за хигиена. Ги повикуваме сите граѓани да се придржуваат до препораките и мерките за заштита од коронавирус – порачуваат од Општина Карпош.
Општина Аеродром обезбеди дезинфекциски средства и држачи за сите влезови на станбените згради.

– Сите заинтересирани заедници на станари и управители на станбените згради од средата се пријавуваат на мејлот [email protected], каде што оставаат телефон за контакт, по што се повикуваат да ги подигнат средствата и држачите – информираат од Општина Аеродром.
По објавувањето на оваа информација на општинската страница на Аеродром, жители на Општина Гази Баба на социјалните мрежи ја споделуваа и поставуваа прашања дали и Општина Гази Баба ќе обезбеди дезинфекциски средства со држачи за сите влезови во зградите.
– Дали вакво нешто ќе има од Општина Гази Баба – праша Елена Јакимоска.
Од Општина Гази Баба велат дека се дезинфицираат влезовите од страна на Општина Гази Баба и со таа активност ќе се продолжи.
– Кризниот штаб на општината има дадено наредба до сите заедници на станари да вршат дневна дезинфекција и чистење на зградата и да ги преземат сите потребни мерки за заштита. Доколку имаат потреба, нека се обратат во општината. Веќе се чекаат средства за дезинфекција што ќе бидат поделени и до школите, градинките и зградите – тврдат од Гази Баба.

Од Општина Центар велат дека веќе неколку дена екипи на општината вршат дезинфекција во влезовите на зградите, по однапред утврден редослед.
-Ќе се потрудиме што е можно поскоро да бидат дезинфицирани што е поголем број влезови. Средствата за дезинфекција се веќе нарачани, така што може да очекуваме денеска или утре тие да бидат поставени во влезовите -објаснија од Општина Центар.
На другиот крај на градов, во Општина Ѓорче Петров велат дека по иницијатива на општината се планира дезинфекција на најстарите згради, во согласност со регистарот.
-Во таа насока, пред неколку дена и кризниот штаб на Општина Ѓорче Петров издаде наредба сите згради да се дезинфицираат и донесе одлука фирмите-управители и претседатели на заедници на станари и станари во нерегистрирани заедници веднаш и неодложно да извршат дезинфекција на влезовите. Дезинфекцијата мора да биде повторена во рок од 5 до 7 дена. Одделението за инспекциски работи ќе врши редовна контрола. За непочитување на наредбата ќе следуваат најостри санкции за сите станари во влезот. Засега немаме план за поставување дезинфекциски средства во зградите – изјавуваат од Општина Ѓорче Петров.

Надлежните, пак, од Општина Бутел засега вршат дезинфекција двапати неделно на сервисните улици и трипати дневно на автобуските постојки. Велат дека кризниот штаб ќе процени дали понатаму дополнително ќе се дезинфицираат и други објекти.
Токму затоа во општините каде што надлежните не вршат дезинфекција на станбените згради, останува на станарите таму каде што има само куќни совети самите да се организираат и да постапат според нивните упатства и одлуки.