ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје вечерва соопшти дека со 40 работници од дежурната служба спроведува активности за чистење на снегот од скопските булевари и поголемите градски улици.

– Се расчистува и централното градско подрачје – големиот ринг, плоштадот и улицата Македонија, како и реонот околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците, постојано се посолуваат и пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, „Слобода“, „Мајка Тереза“, Камениот мост и Мостот на револуцијата – посочуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Додаваат дека од механизацијата се употребуваат мултикултиватори, трактори со специјални четки и ножеви за снег, трактори со плуг и патарки за расфрлање на сол и дека во согласност со временските услови, активностите ќе продолжат и во текот на ноќта.