Најмладите скопјани заедно со своите блиски традиционално го пречекаа Дедо Мраз денеска на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје.

Претходно во рамки на програмата беше изведена претставата „Волкот низ приказните“, а децата се дружеа со Волд Дизни маскоти.

На плоштадот присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој на присутните им посака среќа, здравје и успех во новата година.

Скопјани за новогодишната ноќ на плоштадот вечерва ќе ги забавуваат Аки Рахимовски и „Парни валјак“, неколку македонски пејачи, диџеј и косовската група „Офкестра“. Новогодишната програма ќе почне во 21 часот и ќе трае до еден часот по полноќ.

На плоштадот „Македонија“, во организација на Градот Скопје, се поставени дрвени куќички како дел од новогодишната населба „Винтерленд“, каде што се нудат рачно изработени сувенири, украси, книги, божикни подароци, како и гастрономски специјалитети и топли пијалаци.