Фото: Маја Јаневска-Илиева

И годинава стотици учесници облечени во дедомразовски костими ќе трчаат низ центарот на градот на традиционалната дедомразовска трка, планирана за 23 декември. Покрај натпреварувачки, трката има и забавен карактер и на неа може да учествуваат граѓани од сите старосни групи. Должината на патеката е само два километра и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Сите заинтересирани за учество во трката можат да се пријават на веб-страницата www.prvdovrv.mk. Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 300 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби, без оглед на резултатот и освоеното место. Трката ја организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка на „Кока кола“ и градот Скопје.

Стартот и финишот на трката ќе бидат на плоштадот „Македонија“, а ќе се трча кон портата „Македонија“, паркот „Жена-борец“, „Холидеј ин“, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камени мост и преку мостот до целта. Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.
Пред настанот и по него се планирани музичка програма, загревање на учесниците со фитнес-инструктор и церемонија на прогласување на победниците.