Компири, грав, грозје, кромид, пиперки, краставици, лук, пченка, патлиџан, пелистерски и мариовски мед, козјо сирење и млеко, козметика, ракотворби, се само дел од производите што може да се дегустираат и купат на годинашниот  8. Фестивал на органска храна во Скопје.

Фестивалот се одржува викендов на Школка, во Градски парк. Освен дегустација и продажба на производите, понуди и музика, дружење и едукација.

Штандови имаат  повеќе од 20 органски производители и изложувачи на органски производи.

„Никулците како супер храна и придобивките од нив“, „Лековитите габи – потентни зајакнувачи на имунитетот“ и „Социјални претпријатија и органска нега“ се темите на трите работилници предвидени за денеска, по што следуваат други содржини од  интерактивната програма  и забава.

Фестивалот ќе заврши попладне со јога за возрасни, а беше отворен вчера со јога за деца. Присутните имаа можност да научат нешто повеќе и за влијанието на храната кај лицата со посебни потреби.

Покровител на манифестацијата е Град Скопје.