Дебата за изградбата на гасоводот на Водно денеска ќе се одржи во просториите на Советот на Скопје и ќе биде пренесувана во живо. На неа градоначалникот Шилегов ги повика претставниците на надлежните државни органи, како и претставниците на граѓанските здруженија. Граѓаните веќе подолг период реагираат за запирање на градежните зафати, покажувајќи особена загриженост за планината и нејзиното уништување. Градоначалникот на Скопје рече дека се прекинати сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно до завршување на процесот на дијалог и дебата.

– Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Сакам да истакнам дека пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот. Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес – кажа Шилегов.

Според него, од тие причини градот Скопје одлучил денеска повторно да се дебатира со граѓаните и граѓанските асоцијации што се категорично против уништувањето на Водно.

Градоначалникот на Скопје на оваа дебата ги повика да присуствуваат претставниците на надлежните државни органи за изградба на гасоводот, како и претставниците на граѓанските здруженија што покажаа загриженост.
Дали по оваа дебата ќе продолжат градежните работи на гасоводот на Водно или, пак, багерите и другата механизацијата ќе запрат ќе се знае по нејзиното завршување.