Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наместо двосменско работење на ЈСП, граѓаните бараат јавен градски превоз до полицискиот час, некои за да стигнат и да се вратат од работа, други за да ги завршат обврските во банките, продавниците, па дури и да одат на пазар и да се вратат со автобус. ЈСП бара разбирање од граѓаните

И покрај тоа што полицискиот час трае од 5 од 19 часот, Јавното сообраќајно претпријатие вози без измена во начинот на превозот, во две смени. Граѓаните можат да користат јавен превоз од 5 часот наутро до 9 часот и потоа од 13 часот до 19 часот. Тоа значи дека иако движењето на граѓаните не е ограничено во периодот од 9 до 13 часот, скопјани во тој интервал немаат јавен градски превоз. Некои коментираат дека животот не е престанат поради пандемијата на коронавирусот и навистина имаат потреба од јавен градски превоз. Им треба за да стигнат на работа, да ги завршат обврските во банките, продавниците, па дури и да одат на пазар и да се вратат со автобус.

Реакциите и поплаките од граѓаните стигнале и до ЈСП, но од претпријатието изјавуваат дека во случајов тие не одлучуваат самостојно за режимот на јавниот превоз.
– Ова со јавниов превоз навистина е несредено. Ако нешто многу ме нервира кога одам на работа тоа е јавниот градски превоз. Наутро морам да го фатам последниот автобус со бројот 57, кој тргнува од Радишани во 7.56 часот и бидејќи на работа стигнувам 40 минути порано одошто ми почнува работата морам бесцелно да шетам низ град.

За враќање кога сум втора смена до 18 часот морам да го фатам последниот автобус со бројот 57 што тргнува од Козле во 17.44 часот, па поради тоа морам од работа да излезам 15 минути порано. Бидејќи работам во продажба, ги бркам купувачите за да затворам порано. Во поголеми продажни центри, како на пример во ГТЦ, има вработени што треба да дојдат во меѓусмена, но не доаѓаат на работа затоа што немаат автобуси во тој период, па тие од прва смена остануваат сами цела смена и тоа е проблем. Некои користат такси, па си ги даваат меѓу себе дневниците за превоз или се караат, не може да се разберат.

Со двосменското работење на ЈСП се јавуваат и други проблеми, кои не ја намалуваат опасноста од пренесување зараза. Вчера на пример полн беше автобусот со бројот 57 луѓето стоеја и горе и долу, на скалите, немаше никакво растојание, а имаше лица и без маски – раскажува Маја Серафимовска.
Друга скопјанка, која поради корана-кризава не оди на работа, се жали исто така дека поради двосменското работење на ЈСП не може да оди на пазарите.

– За на пазар треба да одам рано, во осум кога пазарџиите сѐ уште ги немаат наредено тезгите, а потоа на трчање да фатам автобус до населбата каде што живеам, пред 9 часот. Ми преостанува да одам попладне по 13 часот, па потоа да се туркаме во полни автобуси, затоа што тогаш многумина и се враќаат од работа. И не е само пазарот, има и други обврски што треба да се завршат, плаќање сметки, кои на пример не може или не знаеме електронски да ги плаќаме и слично. Еве, сестра ми на пример работи втора смена од 12 часот и мора да оди пеш или со такси, бидејќи во тој период нема автобус. Јавен превоз би требало да има непрекинато до полицискиот час – вели жителка на Кисела Вода.

Од ЈСП, пак, објаснуваат дека начинот на функционирање на јавниот превоз и воопшто целото функционирање на претпријатието се во согласност со одлуките и насоките на институциите директно надлежни за справување со коронавирусот.
– Истовремено, од првиот ден откако беше регистриран првиот позитивен случај со ковид-19 во државава, па до денеска, бројот на патниците е намален за речиси 70 отсто, особено во периодот околу пладне, па и тој факт е земен предвид при проектирањето на рестриктивните мерки за режимот на јавниот превоз. Имајќи ја предвид актуелната, вонредна ситуација во државава, граѓаните, поточно корисниците на јавниот превоз, како и сите субјекти и слично, треба да имаат разбирање за околностите и да се приспособат на новонастанатата ситуација и на условите за функционирање во сите сфери од секојдневието. За евентуални промени ЈСП „Скопје“ навремено ќе информира како и досега – објаснуваат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека уште од 17 април ги презеле сите мерки да се испочитуваат донесените уредби за превоз за време на вонредната состојба. Во речиси сите возила има лице задолжено да ги регулира влезот/излезот на патници, односно да го одржува оптималниот број патници во согласност со уредбата. Имено, се дозволува возилата да бидат исполнети со 50 отсто од вкупниот капацитет на автобусот. Сепак и оттаму потврдуваат дека уште од првиот ден, откако почна да се применува овој начин на организација, внатрешната контрола на ЈСП регистрирала поголем број патници од дозволеното на неколку линии. Такви појави имало во автобусите со броевите 57, 58, 63 и 65, но, според ЈСП на посочените линии биле пуштани дополнителен број автобуси за да се испочитуваат насоките од уредбите за превоз на градските и на приградските линии.