Општина Карпош воведе посебно овластени лица за зголемена безбедност на учениците пред училиштата. Од сите 10 основни училишта, лица од административно-техничкиот кадар ги пречекуваат учениците, секое утро, почнувајќи од првиот училиштен ден, во моментите кога сообраќајниот метеж е најголем, изјави Филип Даскаловски, координатор на советничка група на СДСМ во Совет на Општина Карпош.

– Овие лица се со посебни обележја, униформа и сообраќаен знак, со цел да бидат видливи и препознатливи за сите учесници во сообраќајот, a делуваат и за време на одморите, како и во моментите кога учениците заминуваат од училиштето. Оваа мерка ќе трае во текот на целата учебна година.

Дополнително, во моментов се работи на поставување нови „лежечки полицајци”, пред училиштата: „Јан Амос Коменски”, „Војдан Чернодрински”, „Братство” и „Димо Хаџи Димов”.

Во Тафталиџе 1 и Карпош 4 веќе е воведена и ЗОНА 30 пред воспитно-образовните установи (училишта и градинки).

Локалната самоуправа предводена од СДСМ работи на зголемена и сеопфатна безбедност на најмладите во сообраќајот.

Дополнително, апелираме до сите возачи и учесници во сообраќајот да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, да возат совесно и одговорно.

Нашите деца нека бидат АЛАРМ за поголема безбедност на целата заедница – порача Даскаловски.