Фото: Игор Бансколиев

Според членот 35 од законот, зголемување на брзината од 50 километри на час надвор од дозволената брзина предвидува казна од 400 евра, пречекорување од 30 до 50 километри на час надвор од дозволеното предвидува казна од 300 евра, од 10 до 30 километри на час – 45 евра, пречекорување од 10 километри на час надвор од дозволената брзина предвидува казна од 10 евра – велат од МВР. Во Австралија, за претерано брзо возење, автомобилот на сопственикот оди на преса

Секојдневно се забележуваат автомобили кои возат со поголеми брзини од пропишаните, како на отворените патишта така и на улиците, особено на оние во Скопје. Од таа причина, бројката на изречени казни за брзо возење е голема, за само шест месеци годинава се напишани над 6.000 казни. Во текот на минатиот викенд, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи – Скопје, утврдено е дека 232 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Овие податоци укажуваат дека е потребно да се работи повеќе на сообраќајната свест и на безбедноста во сообраќајот. Штом полицијата ги гони и ги казнува несовесните возачи, а ништо не се менува, прашање е колку ваквите казни влијаат врз возачите и дали треба нешто да се смени во казнената политика?

Според законот, дозволената брзина на јавните патишта во населени места изнесува 50 километри на час. Иако ограничувањето на брзината би требало да обезбедува поголема безбедност во градските области, според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, вкупниот број на сообраќајни незгоди за 2018 година изнесува 3.622, а вкупниот број на загинати лица изнесува 133.
Овие загрижувачки податоци сами по себе го наметнуваат прашањето зошто има голем број настрадани во сообраќајни несреќи во Македонија. Многубројните истражувања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажале дека како еден од главните фактори е непочитувањето на сообраќајните правила, а на прво место неприспособената брзина. Исто така, според статистиката на МВР, најчестите три фактори за предизвикување на сообраќајни незгоди се првенството на минување, непрописното движење и свртување и брзото возење на возилата. Од податоците може да се заклучи дека законските регулативи за безбедност во сообраќајот кај нас ретко се почитуваат, а во исто време укажуваат дека постои сериозен проблем со сообраќајната култура.

– Во периодот од 1.1.2019 година до 23.6.2019 година, од страна на Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР-Скопје биле изречени вкупно 6.315 казни за брзо возење. Во градот Скопје, односно во населено место, ограничена брзина на движење е 50 км/час, а во зависност од големината на пречекорување на дозволената брзина се предвидени соодветни мерки. Според членот 35, зголемување на брзината од 50 километри на час надвор од дозволената брзина предвидува казна од 400 евра, пречекорување од 30 до 50 километри на час надвор од дозволеното предвидува казна од 300 евра, од 10 до 30 километри на час – 45 евра, пречекорување од 10 километри на час надвор од дозволената брзина предвидува казна од 10 евра – велат од МВР.

Законот, исто така, предвидува привремено одземање на возачката дозвола на три до 12 месеци, покрај предвидената парична казна. Со оглед на тоа што годинава се издадени голем број казни за брзо возење, во одредени случаи се одземаат и возачките дозволи.
– Живеам во Перт, Австралија, и одвреме-навреме знам да дојдам во Србија, каде што живеев порано. За да го видам мојот другар од војска знам да поминам и во Македонија. Тука забележувам дека не се почитуваат сообраќајните правила и дека брзо се вози. Син ми, кој исто така живее во Австралија, од секогаш сакаше да поседува моќен автомобил. Работи во Австралија и има заработено доволно за да купи еден таков автомобил. Но син ми веќе со еден автомобил направи сообраќајна несреќа, а и сака да вози брзо. Разликата е тоа што кај нас има закон, кој по три сообраќајки или казни за брзо возење може да ти ја одземат возачката, но ако претставуваш опасност по околината можат и автомобилот да ти го земат и да ти го однесат на преса. Ако сакате да го решите проблемот со сообраќајната култура, овој пристап сигурно ќе го реши тој проблем – вели Лабус Бранко.

Може да се заклучи дека на патиштата во Македонија, и покрај изречените казни, сообраќајните прекршоци не се намалуваат. Пред неколку години беа воведени драстични казни како за брзо возење, па дури и за погрешно паркирање, но подоцна тие глоби се ублажени. Полицијата се труди да ги врши своите обврски, но не секогаш успешно. Посебен проблем е Скопје, каде што иако ограничувањето за возење по градските улици е 50 километри на час, мнозинството возачи на булеварите возат со далеку поголема брзина. Тука спаѓаат не само автомобилите, туку и сопствениците на моторите кои, со намера, ем брзо возат ем моторите ги имаат така наштелувано да предизвикуваат енормна бучава. Не се за занемарување и активностите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, но нивните мерки се превентивни.