Фото: Маја Јаневска-Илиева

Недоследноста во исполнувањето на 39-те точки за справување со загадувањето на воздухот и досега преземените мерки од властите предизвикаа неефективно намалување на загадувањето во воздухот. Според здружението за социјални иновации и одржлив развој „Радар“, Новинари за човекови права, првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Зелениот институт, главни причини зошто не се решава загадувањето со воздухот се недоволната организираност и несоработката меѓу институциите, неспроведувањето на законите, префрлањето на одговорноста меѓу институциите и, воопшто, нефункционалноста на системот. Сите наведени причини го оневозможуваат постигнувањето на посакуваниот резултат – почист воздух во градот Скопје. Граѓанските организации очекуваат денеска Владата да излезе со конкретни ефективни мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот. А доколку не се случи тоа, ќе ги искористат сите расположливи меѓународни механизми за да ја потсетат државата дека нерешавањето на загадувањето на воздухот е загрозување на основното право на живот.

– Предлагаме мораториум на градба, а ако ништо не успее, ќе ги алармираме и повикаме граѓаните на форми на притисок, како протести и бојкот на настава. Самиот бојкот претставува граѓанска непослушност за државата да преземе нешто и да ги заштити граѓаните од најхранливите категории. Она што нѐ радува е дека има сѐ повеќе мобилни и граѓански инспектори што ги следат состојбите и преку групите на социјалните мрежи ги информираат граѓаните. Пак ќе напоменам, сѐ додека не се преземе материјална, кривична или прекршочна одговорност, состојбата со загадениот воздух ќе биде проблем – вели Драган Змијанац од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Проблемот со загадениот воздух е сериозно голем, затоа при негово решавање треба да се користат долгорочни и краткорочни мерки. Ненавременото спроведување на долгорочните или краткорочните мерки во овој момент бара пристап кон применување итни мерки што ќе го намалат загадувањето на воздухот. Невладините и граѓанските организации изминатиов период организираа конференција „Како до почист воздух во градовите“ и активираа петиција, наречена „Нулта толеранција за загадувањето на воздухот и загрозувањето на животот“. Од нивните претходни активности произлезе и петиција со итни предлог-мерки за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух. Некои од итните мерки се преминување на јавен превоз на гас, на граѓаните да им се овозможи бесплатен градски превоз секој ден во текот на следните три месеци. Потоа субвенционирање и на меѓуградскиот автобуски превоз, воведување 24-часовен засилен инспекциски надзор, опремување на инспекциските служби со соодветна опрема за мерење и вклучување на граѓанскиот сектор во контролата на работата на институциите што работат на загадувањето на воздухот. Невладините побараа доследно спроведување на законските регулативи поврзани со загадувањето на воздухот, а и во периодот на загадување инспекциските служби да не одат на опоменување туку на затворање на објектите што се идентификувани како најголеми загадувачи. Доколку Владата ги примени овие мерки, беа предложени дополнителни, како зголемување на цената на такси-компаниите за 50 отсто во наредните три месеци, за да се поттикнат граѓаните да го користат јавениот превоз. Граѓанските организации велат дека доколку не се испочитуваат овие одредби, министрите, пратениците, градоначалниците и советниците треба да формираат фонд за помош и лекување на децата од заболувања предизвикани од загадувањето. Фондот би се полнел со средства со донирање дел од нивната плата како надоместок заради неизвршување на работните задачи, во висина од 10 до 50 отсто.

Градот Скопје почна да иницира дел од предлог-мерките и почна да користи беспилотно летало со кое се мапираат критичните точки на загадувањето на воздухот, а така ќе се лоцираат и најголемите загадувачи.

Надлежните оттаму велат дека во деновите со зголемено загадување на воздухот како мерка ќе воведат забрана за извршување градежни работи за оние објекти во кои градот е инвеститор, изградба на улици, булевари… Во услови кога се исполнети законски утврдените мерки, се преземаат чекори по добиеното известување од Министерството за животна средина дека прагот на алармирање за ПМ10 честичките во воздухот е надминат во текот на два дена последователно. Градот Скопје вели дека објавува итни мерки и препораки, а една од мерките е и воведување бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Од градот се оправдуваат дека работат на поголем број проекти за осовременување на возниот парк на ЈСП во насока на подобрување на условите на јавниот превоз. Еден од аспектите е и целосна оптимизација на автобуските линии во јавниот превоз. Тие објаснуваат дека станува збор за масовен проект и процес, кој побарува изработка на поголем број обемни сообраќајни студии и проекти и за нивната реализација е потребен подолг период.

Останува да се види дали граѓанските иницијативи ќе продолжат да се реализираат и дали ќе се спроведуваат како што треба. А доколку нема резултати од сработеното, граѓаните ќе побараат одговорност од надлежните.