Фото: Нова Македонија

Скопјани се жалат на сообраќаен хаос, се изнаодеа пеш за да стигнат од една до друга автобуска линија и барајќи билетарница за да ги дополнат картичките

И покрај најавите и апелот од градот скопјани да имаат разбирање за реконструкциите на голем дел од сообраќајниците, граѓаните се револтирани бидејќи се среде сообраќаен хаос. Тие се жалат дека не можат повеќе да се снајдат кој автобус по која алтернативна траса сообраќа, ниту пак наоѓаат солуција како побрзо со јавен транспорт да стигнат до саканата дестинација. Особено им е тешко кога некои приватни превозници своеволно си одбираат маршрута по која ќе возат, а граѓаните остануваат да висат по автобуските. Едноставно, велат, настана сообраќаен хаос, поради што никаде брзо не се пристигнува. Премногу време трошат на превоз, а од друга страна се изнаодеа да стигнат од една до друга автобуска линија, како што се изнаодеа и за да најдат билетарница да ги дополнат електронските картички. Некои скопјани се пожалија на голем сообраќаен хаос и во неделата, бидејќи беше затворена за сообраќај целата улица Кочо Рацин и дел од 11 Октомври до месноста Стара рампа.
– Кој да знае веќе кој број автобус каде вози. Се изнаодевме пешки низ градов. Во неделата си реков со автобусот со број 9 ќе се симнеме на „Југодрво“, мислев асфалтирана е веќе Кочо Рацин, а оттаму со сопругот ќе продолжиме малку пеш до Кисела Вода. Кога видов дека вози кон МНТ како и многумина од патниците и јас отидовме да го прашаме возачот од каде ќе врти сега, ќе стои ли кај Зелено пазарче. Ми кажа дека ќе застане кај паркот „Жена-борец“ и потоа право кон центар. Сега си рековме како да одиме до Кисела Вода освен пеш, немаме друга автобуска врска. Никогаш кај „Холидеј ин“ не поминувале толку многу автобуски линии – вели револтирана скопјанка.

Асфалтирањето на булеварот Кочо Рацин навистина се одолжи и покрај тоа што на неа се работи и ноќе. Поради тоа што оваа исклучително важна сообраќајница е затворена, многу автобуски линии возат по алтернативни траси. И покрај најавата од градот дека до понеделник наутро таа ќе биде комплетно асфалтирана, вчера сѐ уште се асфалтираше крстосницата, како и во неделата. Допрва треба да се асфалтира улицата по целата должина до автобуската станица кај „Југодрво“. На нашето прашање до градот Скопје кога дефинитивно треба да заврши асфалтирањето на булеварот Кочо Рацин, вчера не добивме одговор.
Жителите, пак, од Кисела Вода сега наместо на автобуската станица кај „Кјуби“, автобус на линијата со број 9 можеа да фатат само кај Народна банка. Тоа, пак, за многумина значи или одење пеш или, пак, алтернативно со некоја од автобуските линии да стигнат дотаму или, пак, до Транспортниот центар, а од таму пеш до комплексот банки.

Поради одвивањето на градежните работи на оваа сообраќајница, на пример линијата 9 од Клиничкиот центар кон Скопје Север сега на крстосницата кај Тутунски комбинат наместо лево кон „Кјуби“, продолжува право по булеварот Карпошово востание, потоа десно оди по булеварот Трета македонска бригада и врти лево по булеварот Никола Карев кај Транспортен центар. Потоа повторно лево продолжува по булеварот Кузман Јосифовски-Питу кај Народна банка, па врти десно кај МАНУ за се врати на вообичаената траса. Од Скопје Север кон Клиничкиот центар од Бит-пазар врти десно по булеварот Гоце Делчев, кај МНТ лево по булеварот Филип Втори Македонски и кај „Жена-парк“ врти десно на булеварот 11 Октомври, па продолжува низ центарот, вози кон Клиничкиот центар или по познатата траса на линијата со број 57. Реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев“ и на булеварот Крсте Мисирков, на Бит-пазар се дополнителна причина за побавно одвивање на сообраќајот и за создавање метеж во работните денови.

И дел од жителите на Шуто Оризари викендов пешачеа до своите домови на почетокот на населбата, бидејќи линиите со броевите 19 и 20 возеа по алтернативна траса поради изведувањето градежни работи на улицата Индира Ганди.

Граѓаните се револтирани поради тоа што на овие високи температури не само што автобусите многу кружат низ градов, туку и затоа што не ги носат на саканите дестинации, па по жешкото сонце мораат и да пешачат. Нивните забелешки не се за тоа што се реконструираат сообраќајниците, туку затоа што тоа некако се направи истовремено. Тоа придонесе за дополнителен хаос, поради кој ниту можат брзо да стигнат на работа, ниту пак од работа дома. Секојдневно велат дека трошат по два часа од своето драгоцено време каде било да тргнат во градов и да се вратат назад.
Пренасочени се и автобуските линии со броевите: 3, 5, 7, 15, 21, 22, 23, 25, 27 и тоа од булеварот Кузман Јосифовски-Питу кај Народна банка, па продолжуваат десно по булеварот Крсте Петков Мисирков. Лево продолжуваат на крстосницата кај судот по булеварот Гоце Делчев и лево кај МНТ, по булеварот Филип Втори Македонски до „Жена-парк“, каде што потоа вртат десно на булеварот 11 Октомври и на Рекорд се враќаат на вообичаената траса.

За сите пренасочувања на автобуските линии, граѓаните можат да се информираат на веб-страницата на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk.