Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лани кучињата скитници претставуваа еден од главните проблеми со кои беше засегнат градот Скопје, а сепак за нив не се најде вистинско решение. Со истиот проблем почна и оваа година, а тоа го потврдуваат големиот број случки на блиски средби на граѓаните со кучињата на улица. Последиците повторно се исти, нападнати граѓани што завршиле со помали или малку поголеми гризнувања од животни и, секако, трауматични искуства од доживеаната болка и страв. Токму ваквите примери сѐ уште ги тераат граѓаните, граѓанските активисти, но и некои од пратениците да размислуваат во насока како трајно да се реши проблемот со кучињата скитници. Со таа цел еден дел пратеници предложија законски измени во постојниот закон за заштита и благосостојба на животните, со кои се предвидува задолжителна кастрација на домашните кучиња. Се поставува прашањето дали со оваа иницијатива се согласуваат граѓаните. Како на предлогов гледаат оние што биле нападнати од улично куче, а како оние што ги чуваат кучињата, како свои миленици? Едните се „за“, а другите „против“.

Според билтенот на Министерството за внатрешни работи, на 8 јануари годинава во полициската станица во Центар, повозрасен маж од Скопје пријавил дека истиот ден околу 11 часот, додека се движел со велосипед на плоштадот „Македонија“, бил каснат од куче скитник во пределот на левата потколеница. Истиот ден во пoлициската станица во Кавадарци, исто така повозрасен граѓанин, пријавил дека околу 10 часот, додека се движел по улица во селото Сирково, бил нападнат и каснат од куче. Тој ден и жена од Кичево пријавила дека на 6 јануари на улицата Мирко Милески во Кичево била касната од куче скитник.

Според овие информации, може да се заклучи дека и годинава проблемот со кучињата скитници не се случува само во главниот град, мака мачат и граѓаните од другите градови. Со сигурност може да се каже дека новата, 2019 година почна со напади од кучињата скитници. Истовремено, периодов стигна дојава во нашата редакција од граѓанин дека пред неколку дена бил нападнат од куче скитник. Според кажувањето на овој жител на скопската населба Драчево, кучето било мирно и нападот не бил очекуван. Во одреден момент, кога тој не гледал, кучето скитник го гризнало не многу силно, но доволно за да отиде на лекарски преглед, по кој било установено дека мора да прими тетанус и вакцина против беснило.

– Веќе примив една вакцина за тетанус и една против беснило. Во следниот период треба да примам уште три вакцини, сѐ на сѐ мислам дека треба да се пет вакцини. Но, ете, поради тоа мало каснување, вакцинирањето не завршува тука. Понатаму ќе биде потребно на три, шест и 18 месеци да допримам уште три вакцини против тетанус. Ова со кучињава скитници навистина веќе стана случување на секој втор од нас и затоа размислувам да го пријавам случајот за да добијам обесштетување од градот. Можеби не е голема работа тоа што ми се случи, но зошто да не можам да шетам слободно низ скопските улици и паркови? Навистина не очекував да ме гризне кучето. Поминав покрај него и не покажуваше никаква агресија, дури и деца си играа со него. Но кога продолжив и го изминав, ме гризна, а мислев дека мене не може да ми се случи ова – вели граѓанинот, кој сакаше да остане анонимен.

Иако овој инцидент поминал без посериозни последици, искусената случка сепак е непријатна. Таа е само уште една во низата и една од причините да се бара сериозно решавање на проблемот со уличните кучиња. Дали дел од тоа ќе биде и новиот предлог-закон, останува да се види.

А новиот предлог-закон предвидува да ги задолжи сопствениците на кучињата, кога животните ќе бидат во репродуктивен период, да ги кастрираат или ојаловат своите кучиња во овластените ветеринарни амбуланти. Ова не важи за сопствениците на кучиња што имаат регистрирано одгледувачници. Истовремено трошоците за овие постапки ќе треба да ги платат сопствениците. Предлог-законот исто така предвидува зголемување на казните, некои дури и до 700 евра, како на пример ако не се пријавува кучето еднаш годишно во ветеринарни амбуланти, ако не се пријави леглото или ако не се води кучето со поводник.

– Да, сметам дека треба да има ваков закон, затоа што на ваков начин се стеснува можноста да се создадат нови кучиња скитници. Заедно со чипирање на кучињата се насочува одговорноста кон граѓаните. Ако не се чипира, треба да има казна, а исто и ако не се кастрира, треба да има казна. Само тие што имаат регистрирани легла, тие да имаат право да не ги кастрираат кучињата. Сепак, кучињата скитници се резултат на неодговорноста на човекот. Еве, јас имам куче женка, еднаш ни избега и сега очекуваме кученца. За да не се случи повторно ова, треба да ја стерилизирам и да не се мислам кому ќе му ги подарувам кучињата. Сметам дека во добра насока се предлог-мерките за законските измени – вели Марија Јанакиевска.

Други, пак, сметаат дека законот е премногу рестриктивен и ја ограничува слободата на сопствениците. Со свој став јавно се огласија и кинолошките друштва, сметајќи дека со новиот закон може да се уништат сите автохтони раси на кучиња. Според нив, шарпланинецот како светски признаена раса и овчарското куче караман како национална раса, со овој закон би биле пред истребување.

– Имам мало кутре, кое си го сакам многу. Во моментов не размислувам за тоа дали треба да има потомок и дали јас сакам негов потомок. Но понатаму ако сакам потомок од моето куче, затоа што навистина си го сакам и сакам слично на него, како ќе можам да го овозможам ова со новиот закон? Ми ја одзема таа слобода. Или треба да пријавам дека имам одгледувачница за кучиња за да можам да си го овозможам тоа право? Сметам дека не е во ред да се изгласа ваков закон, кој е премногу рестриктивен. Јас сум одговорен сопственик и си ги почитувам правилата. Сметам дека тие што не ги почитуваат, тие треба да бидат казнети, а не ние одговорните сопственици. Имаме закони, само треба добро да се спроведуваат и да има кој да ги спроведува, друго не е потребно – вели анонимен сопственик.