Фото: Дарко Андоновски

Колонијали и трафики не ги дополнуваат ЈСП-билетите со банкарските картички, бараат исклучиво кеш

Во најголем број продажни места, маалски продавници и трафики што склучиле договори со јавното сообраќајно претпријатие електронски да ги дополнуваат картичките за јавен градски превоз „скопска“, граѓаните мораат да платат само во готово. Оние што се обиделе да ги дополнат своите картички со каква било банкарска картичка, платежна или кредитна, останале затечени дека тоа не е можно, бидејќи продавачите им барале само кеш. Граѓаните што не располагаат со готови пари во моментот мораат да пешачат по магла, екстремно загаден воздух, снег, дожд или сонце за да дојдат до друго продажно место на ЈСП. Во спротивно, пак, пешачат најпрво до некој банкомат, за да извадат пари кога се во можност да го направат тоа, а потоа повторно пеш до некое од продажните места, за да ја дополнат својата картичка и да можат да влезат во некој од автобусите. Сето ова непотребно им троши време и им создава нервози на граѓаните. Ќе беше многу поедноставно ако одамна најавеното дополнување на картичките беше овозможено секој да го направи од својот компјутер преку сопствената сметка.

Корисниците на јавниот градски превоз навистина имаат потреба од побрза услуга. Оние што секојдневно ги користат услугите на ЈСП, најчесто и го користат билетот за десет возења, кој им е најевтина опција. Овие граѓани мораат да ја дополнуваат картичката само по пет изминати дена. Од друга страна, пак, скопјани и оние што доаѓаат однадвор во градов останаа без билетот за едно возење, кој би им овозможил да користат јавен превоз, а да не мораат да поседуваат електронска картичка.

Многумина непостоењето на билет за едно возење во одредени ситуации ги одвраќа од намерата да се качат во автобус. За ова причина е и отежнатиот пристап до некои од услугите на ЈСП. Поради овие и многу други причини, многумина не сакаат да користат јавен градски превоз, и покрај тоа што се фаворизира неговото користење за да се намали загадувањето на воздухот. Од претпријатието тврдат дека во тек е ревизија на целокупниот систем за наплата, а пред сѐ на делови преку кои треба да се оствари можност за унапредување на функционалноста на системот и полесен пристап до купување на нивните услуги. Тоа, меѓу другото, подразбира воведување билет за едно возење, како и воведување напредни ИТ-технологии што ќе овозможат набавка на нивните услуги и дополнување на картичките од сметка, преку интернет-продавница и со употреба на апликации наменети за паметни уреди, телефони, таблети и слично.

– Долго време користам јавен градски превоз. Деновиве брзав за на работа и си реков прво да си ја дополнам електронската картичка со билет за десет возења во колонијалчето на автобуската постојка. Немав земено плата и останав без пари, па си реков ќе ја дополнам со платежната картичка, имам оставено нешто да ми се најде. Која ја подадов банкарската картичка да платам, продавачката ми рече не може, примаме само кеш, се засрамив зошто морав да кажам дека немам готовина. Добро што ме познаваше, па ми рече да донесам утредента изутрина, кога ќе одам на работа. Но непријатна ситуација, зашто ако не беше така, ќе морав пеш да одам до некоја билетарница на ЈСП и којзнае и таму дали ќе платев со картичка – вели скопјанка што постојано ги користи услугите на ЈСП.
Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека плаќањето во готово или со платежна картичка е одлука на газдите на колонијалите што со нив склучиле договор да ги продаваат услугите на ЈСП.
– Во случајов, ЈСП „Скопје“ не е тоа што одлучува дали и како се врши плаќање за нашите услуги во секундарната продажна мрежа. Станува збор за политика на маркетот, чии сопственици од свои причини не дозволуваат купување на нашите услуги со платежни картички. За граѓаните полесно да доаѓаат до нашите услуги, продажната мрежа се шири и ќе се шири. ЈСП „Скопје“ е отворено за соработка со сите заинтересирани субјекти што се подготвени да ги продаваат нашите услуги. Освен во 32 билетарници на ЈСП „Скопје“, услугите се продаваат и на уште 90 локации, трафики, маркети, тобака, а во наредниов месец се очекува секундарната продажна мрежа да се прошири за уште 10-15 локации. Во тек е комплетирање на потребната документација од двете договорни страни – информираат од ЈСП „Скопје“.

Оттаму потсетуваат дека пред околу половина година, кога заврши договорот помеѓу ЈСП „Скопје“ и фирмата-мастердилер за продажба на нивните услуги, ЈСП „Скопје“ објави јавен повик до сите заинтересирани субјекти за соработка, што, според претпријатието, значи дека продажната мрежа постојано се шири. Велат дека и во иднина на неколку дополнителни места ќе може да се купува или дополнува „скопска“, независно од досегашната развиена мрежа, туку од интересот на субјектите до кои има активен, важечки јавен повик за соработка.