Кучињата бараат храна во глутница и се однесуваат како волци - Фото: Дарко Андоновски

Долго време граѓаните мака мачат со кучињата-скитници. Овој проблем предолго е актуелен и во изминатава година навистина стана застрашувачки. Постојано наидуваме на вести што ја информираат јавноста за напади од кучиња-скитници, а сведоци сме на зачестената појави на големи групи на бездомните животни насекаде. Ваквите случки не се соодветни за еден град метропола, ниту пак треба да ги има во кој било друг од државава. Затоа овој проблем не го засегнува само Скопје, туку претставува проблем со кој се соочуваат и другите градови. Појавата на кучињата-скитници се случува на ниво на цела Македонија, а таа појава дава слика за тоа какво општество имаме и во какво општество живееме.

– Стандардот на луѓето е доста низок, сиромаштијата создава сериозни проблеми и граѓаните немаат многу време да размислуваат за кучињата-скитници. А кога веќе постои таков проблем, останува на граѓаните да бидат совесни и да не ги оставаат милениците на улица, но и на институциите да реагираат соодветно за да се превенира појавата – вели универзитетскиот професор и социолог Илија Ацески.

Во изминативе денови се појави информација дека уличните кучиња се пуштаат од една општина во друга. Комбиња со регистарски таблички од други градови се забележани како разнесуваат кучиња во скопските општини. На фејсбук-групата „Аеродром во моето срце“ се информира дека неколкупати е фатен камион од Тетово како истовара голем број улични кучиња во општината Аеродром. Поднесени се неколку пријави и биле информирани и надлежните од општината. Овој тренд се појави официјално од претходната година кога од кавадаречкото здружение за заштита на животните „Аними реино“ забележале поголем број кучиња-скитници. Здружението, кое било одговорно за секојдневно хранење на бездомните животни, забележало дека има поголем број кучиња, кои претходно не ги гледале. Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, се огласи дека сепак постои можност од другите градови да оставаат кучиња во Кавадарци.

Пред неколку дена општината Аеродром во соработка со своите жители организира акција за третирање на бездомните кучиња. На акцијата доброволно излегоа љубители на животни во соработка со службите на стационарот „Вардариште“ за да се зголеми безбедноста на сите жители на општината Аеродром. При акцијата кучињата беа грижливо и внимателно сместени во кафези и однесени на стерилизација. Во меѓувреме од општината Аеродром велат дека се работи на трајно решение, односно изградба на сопствено прифатилиште, што значително ќе ја олесни ситуацијата во иднина. Овој вид акции се иницијативи во вистинска насока и за одобрување. Сепак, проблемот, кој навистина е присутен, очигледно бара поинакво решавање отколку обичното заловување на кучињата од улица и нивно стерилизирање и враќање на местото од каде што биле заловени.

Остатоците од рестораните би можеле да се носат во стационарите

Во Охрид угостителите и хотелиерите имаат проблем со уличните кучиња. Исто како во главниот град и таму се забележуваат големи и многубројни групи кучиња. На еден или на друг начин тие успеваат да влезат во потесниот круг на хотелите и да стигнат до туристите. За човек што дошол да се одмори глетка од 13 кучиња како доаѓаат кон него навистина не е убава. За среќа, досега нема случај на напад од куче-скитник.
– Кучињата-скитници дејствуваат повеќе врз основа на инстинктите. За да имаат поголема шанса на опстанок се здружуваат во глутница, која ги води едно алфа-куче. И однесувањето почнува да им личи на волците односно, полудиво. Сепак кучињата го прават ова затоа што бараат храна. Нема кој да ги храни и да се грижи за нив па тие се обидуваат да најдат начин да стигнат до извор за храна. Инстинктот за преживување и бранењето на својата територија се дел од причините од кои тие ги напаѓаат другите кучиња, а некогаш и луѓето – вели Александар Глигоров, ветеринар од Зоолошката градина во Скопје.

Навистина е страшно кога глутници се појавуваат пред хотелите и пред рестораните и тоа во екот на туристичката сезона.
Илија Георгиев, од Охрид, вработен во угостителскиот бизнис вели дека хотелите и рестораните фрлаат големи количества храна, бидејќи имаат голем број гости. Во просек фрлаат по 15 килограми остатоци од храна, од кои ќе можат да нахранат 50 кучиња. Тој објаснува дека угостителите ги издвојуваат остатоците од храна и подоцна ги користат за нивниот добиток. Неговата идеја е овој принцип на сортирање да се воведе во реалноста и на тој начин би се решил и проблемот со кучињата-скитници.

– Стационарите дејствуваат на начин со заловување, стерилизирање и пуштање на кучињата-скитници. А зошто да не ги заловат и задржат? Проблемот настанува затоа што не можат долго да ги хранат. Во ваков случај, угостителските објекти имаат непотребна храна, но имаат и проблем со кучиња, а стационарите имаат потреба од тоа да ги нахранат. Во тој заемен однос тие би си помогнале едни на други, а истовремено ќе ѝ помогнат и на заедницата – смета Георгиев.

Овој охридски угостител е убеден дека доколку таа храна наместо да се фрли во отпад се пренамени за кучињата-скитници, би се решил проблемот со нив. Се разбира, потребно е неговата иницијатива да биде потпомогната од Здружението на угостители и да биде организирана од локалните општини. На таков начин конечно бездомните кучиња ќе бидат стационирани на одредено место наместо да ги гледаме по улиците и населените места. Ќе бидат сити и далеку од урбаните средини. Од друга страна, ако се почне со поригорозно спроведување на санкциите за сопствениците на нечипираните кучиња и за оставените чипирани кучиња, тогаш луѓето дефинитивно ќе размислат двапати дали воопшто да земаат миленици.