Фото: Игор Бансколиев

Скопјани седум години плаќале за полевање паркови без да ја знаат таа ставка. Се наплаќа за полевање на зелените површини за пивка вода, а не за техничка, иако на секој чекор можеше да се види дека речиси сите паркови летово беа со исушена трева

Ноемвриските сметки за вода ги шокираа скопјани со новата давачка што им е назначена и наметната како надомест за одржување на градското зеленило во висина од 20 отсто од наплатена цена на услугата. Некои, пак, што не го забележале тоа, поради поголемата висина на сметките помислиле дека е зголемена цената на водата. Многумина од граѓаните биле збунети и поради фактот дека за разлика од нивните соседи имаат помала или поголема сума за надоместот за одржување на зеленилото. Всушност, повеќето од граѓаните немаат поим зошто е тоа така. Никој ниту претходно ги известил, ниту пак им најавил дека се подготвува вакво нешто. Зошто граѓаните се удрени по џебот не знаат. Но она што го знаат е дека за полевање на парковските површини може да се користи техничка вода, а не пивката вода од ЈП „Водовод и канализација“, која изминатово летово недостигаше, па поради долгата суша, беа активирани и трите бунари во Лепенец и во Нерези.

Како добија граѓаните сметка за да ја платат оваа давачка од 20 отсто на основа на потрошената вода останува нејасно и покрај побараните одговори од градот, кој веќе претходно донел ваква одлука. Она што уште повеќе вчудовидува е фактот што одлуката била донесена во октомври 2012 година и оваа давачка и претходно на граѓаните им се наплатувала, само што таа не била прикажана на сметките за вода. Ставката за надомест за одржување на јавното градско зеленило е ставена на ноемвриските сметки, затоа што минатиот месец градот Скопје добил решение од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за прикажување на сите ставки во сметките. Од ова објаснување на градот може слободно да се заклучи дека граѓаните седум години плаќале нешто за што не знаеле.

– Ова е сериозен проблем. Секое утро се будам со страв да не ме изненади некоја нова сметка, повисока од претходната. Денеска ми стигна сметка за вода и смет и што ќе видам! Нова графа за надомест за одржување градско зеленило и сума од 234 денари. Тоа било според одлука на Советот на градот да се наплатува 19 отсто од вкупната сума за потрошена вода. Вака, малку по малку нови ставки, нови покачувања и се прашувам до каде ќе стигнеме. Не сме толку богати, па да го издржиме тоа „молзење“ од сите страни. Ова е веќе претерано и ми доаѓа да побегнам од оваа држава, во која се мисли на најразлични работи од типот на рекетот, како што е ова последното рекетирање по џебот на осиромашените жители на оваа напатена земја – напиша на Фејсбук Зоран Михајлов.

Скопјанка, пак, што вчера добила сметка за вода вели дека на вкупната сума од 1.173,00 денари за надомест за одржување на јавното градско зеленило треба да плати 139,43 денари.

– Кога ја отворив сметката за вода се запрепастив. Не можев да се изначудам од каде сега уште една давачка за нас граѓаните. Сите удираат по нашиот џеб, малку ни е тоа што секој ден кога одиме во продавница цените растат сега уште и ова да плаќаме за наводнување на парковите. Па Скопје лежи на подземни води, зошто не си ископаат бунари и со техничка вода да го наводнуваат зеленилото, а не нам да ни ја наплатуваат сега и за полевањето на градското зеленило. А зеленилото суво, парковите со исушена трева. Цело лето градот не ги наводнуваше зелените површини. Не знам до каде ќе оди ова вака – вели револтирана скопјанка.
Од градот имаат објаснување дека давачката се плаќала и досега, но не била прикажана на сметките за вода, што е уште поголем апсурд.

– Цената на водата во Скопје е непроменета, а и сметките се со иста висина. Станува збор за одлука што е донесена во октомври 2012 година (Одлука за утврдување на процентот од цената на услугата за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води за вршење на комунална дејност – одржување на јавното градско зеленило (паркови) од страна на Советот на градот Скопје. Со оваа одлука, градот Скопје утврдува процент во висина од 19,5 отсто од наплатена цена на услугата за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, пресметани по формираната цена од кубен метар, за вршење комунална дејност – одржување на јавно градско зеленило.

Причината поради која истата сега е видлива е поради тоа што минатиот месец градот Скопје доби решение од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за прикажување на сите ставки во сметките. Оваа давачка е воведена во 2012 година и истата таа претходно се прикажувала со интерен договор на претпријатијата „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, а сега само имаме издвојување и прикажување на оваа ставка. За потсетување, со законските измени од 2016 година, цената на водата не се утврдува од страна на претпријатијата и советите на општините, туку од страна на ново тело – објаснија од градот Скопје.

Оттаму не кажаа зошто ова фамозно решение го добиле дури сега или, пак, зошто не го побарале или не им било доставено претходно, туку се чекало да поминат цели седум години за на граѓаните да им се каже дека плаќале и досега за полевањето на парковите. Дека тие летово не беа полевани можеше да се види на секој чекор.

Ставката за полевање паркови ги збуни граѓаните
Фото: Игор Бансколиев