Петицијата насловена „Нулта толеранција“ за загадувањето на воздухот и загрозувањето на животот да ја потпишат сите граѓани, побараа вчера неколку невладини организации.

Здружението за социјални иновации и одржлив развој „Радар“, Новинари за човекови права, првата детска амбасада „Меѓаши“ и Зелениот институт ја поднесоа петицијата по повод Меѓународниот ден на толеранција и ја повикаа државата да ги исполни обврските во однос на почитувањето на основното право – правото на живот, воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот, кое директно влијае на здравјето на луѓето и нивниот живот. Граѓанските организации апелираат со заемни сили да се решава проблемот со загадувањето на воздухот, но и со барање институциите да преземат одговорност за неисполнувањето на одредбите поврзани со загадувањето на воздухот.

Драги Змијанац од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ рече дека треба надлежните да преземат одговорност и да им се даде можност на тие што имаат стручност и желба за подобрување на животот на граѓаните.

Наташа Доковска од Новинари за човекови права кажа дека во 2003 година е потпишан договор во кој се наведува учество на јавноста при одлучување на животните прашања на граѓаните. Таа конвенција претставува обврска, а нејзиното непочитување е несериозен пристап кон главните проблеми.