Набавката на новите екоавтобуси ќе чини 10 милиони евра

Првите екоавтобуси на ЈСП-Скопје ќе пристигнат на 25 март. Станува збор за десет автобуси што ќе бидат во традиционалната боја на ЈСП – црвена. Градските власти сè уште не знаат дали ќе бидат пет единечни и исто толку зглобни или, пак, соодносот ќе биде 6 со 4

Скопјани наскоро ќе добијат нови екоавтобуси, а првите треба да пристигнат во третата декада од месецов. Постојниот возен парк на јавното сообраќајно претпријатие е во мошне лоша состојба и честопати се случува некои од возилата да ги остават патниците на половина пат. За оние што беа набавени од Кина најчесто нема делови, па од претпријатието се снаоѓаат, за да ги оспособат и пуштат по градските сообраќајници. Јавниот градски превоз го потпомагаат и возилата на приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, но и тие имаат стари возила, најчесто набавени од земјите што ги отстраниле од својот јавен превоз. Според најавите на градските власти, месецов ќе пристигнат првите десет автобуси. Тие, секако, ќе го подобрат јавниот градски превоз и нема да го загадуваат воздухот, бидејќи се еколошки. Оваа пратка на екоавтобуси е испорака од првата фаза од вкупно најавените 33 возила. Набавката на новите екоавтобуси ќе чини 10 милиони евра.

– Првите екоавтобуси на ЈСП-Скопје ќе пристигнат на 25 март. Станува збор за десет автобуси што ќе бидат во традиционалната боја на ЈСП – црвена. Сè уште не знаеме дали ќе бидат пет единечни и исто толку зглобни или, пак, соодносот ќе биде 6 со 4. Ќе пристигнат среде изборната кампања и некои ќе ме обвинат за тоа, ама таква ни е испораката, која беше договорена да оди фазно – вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Како што и претходно најавија градските власти, според договорот што беше потпишан минатата година во септември, ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Во сите автобуси ќе има дополнителна опрема, како вградени полначи за телефони.
Според процените што ги има направено градот со новите еколошки автобуси, годишно ќе се заштедуваат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ-честички.

Скопјани едвај го очекуваат пристигнувањето на новите автобуси и се надеваат дека дефинитивно ќе добијат подобар јавен превоз.
– Само нови автобуси се решение за сите нас што користиме јавен градски превоз, бидејќи вака повеќе не може, неколкупати ми се случува на половина пат автобусот да ме остави, да се расипе. Еднаш „57“ ме остави кај хотелот „Холидеј ин“, а вторпат на Бит-пазар. Се надеваат дека по 25 март и на оваа линија ќе пуштат еден нов автобус – вели жителка на населбата Радишани.