Фото: Илустрација/Игор Банколиев

Со години ништо не е променето во јавниот градски превоз за да се овозможи побрзо и пократко поврзување на северниот со јужниот или на источниот со западниот дел на градот. Исклучок се неколку новововедени линии, кои не се доволни да се задоволат комплетните потреби на граѓаните. Скопјани сметаат дека премногу време губат и онака секојдневно чекајќи ги постојните градски или приградски автобуси, а уште полошо е кога мораат да се прекачаат од еден во друг за да стигнат до соодветна дестинација. Така, на пример, жителите на Радишани само преку линијата број 57 можат да стигнат до центарот на градот, а потоа оттаму да се упатат до Ѓорче Петров или, пак, до Аеродром или Драчево. Жителите на скопската населба Скопје Север, пак, велат тие откако им се воведе линијата со бројот 35, поврзани се со населбата Аеродром, но 35-та не е постојана во викенд-деновите.

Освен автобусот со бројот 9, тие немаат друга линија за да се поврзат со другите делови на Скопје. Така, на пример, велат дека честопати 19-та доаѓа преполна од Шуто Оризари и не може да ги прими сите патници што сакаат да стигнат до Карпош. Се жалат и оние од населбата Пржино, кои ја имаат само линијата со бројот 16, за која, пак, со години молат да се искачува до горе, за да не одат пеш.

Скопјани сметаат дека губат половина ден ако мораат да патуваат од едниот до другиот крај на градот, но тоа ги чини и многу пари. За некои дури се неприфатливи и добри работни места ако оценат дека најголем дел од заработката ќе им отиде на превоз, за кој постојано ЈСП наплатува однапред за билетите, и тоа во кеш. Граѓаните мислат дека утврдените автобуски линии се од 1960-тите години и треба да се направат некакви промени. Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека за тоа е одговорен градот и дека решаваат градските советници.

– Градот Скопје, односно Секторoт за сообраќај, е директно одговорен за воведување нови линии, продолжување на постојните, корекции во возниот ред и слично. Генерално, целата постапка се процесира преку градот Скопје и со дозвола на советот на градот Скопје. Корекциите по која било основа се прават по детална анализа на фактичката состојба на терен, а предвид се зема и економската оправданост на евентуалното функционирање на линијата, како и расположливоста на возниот парк во определен момент – велат од ЈСП-Скопје.

Жител на Пржино вели дека е време навистина да се направат одредени корекции, бидејќи градот се рашири и по должината и по ширината.
– Навистина со години не е променето ништо во однос на продолжување или воведување нови автобуски линии во градот, кој значително се распространи. На времето, се сеќавам, од Пржино имавме линија со бројот 6 и со неа брзо и едноставно пристигнував до гимназијата „Никола Карев“ во Карпош и назад до дома. Оваа линија одамна ја укинаа, а сега, пак, постојната со бројот 16 нѐ остава долу во населбата, па мораме да пешачиме до горниот дел, до каде што би требало да биде крајната станица, за да не одат луѓето пеш ниту по мраз и снег ниту по жешко сонце – вели Сашо Николов од Пржино.

Од градот, пак, велат дека не само што имаат стратегија за јавниот градски превоз туку имаат и голем број проекти и студии за негово подобрување.

– Градот Скопје работи на унапредување на состојбата со јавниот транспорт во Скопје преку оптимизација на организацијата на работата на ЈСП со реорганизација на постојниот систем на автобуски линии, преку промоција на системи на комбиниран превоз, како и преку воведување нови форми на јавен транспорт. Од аспект на автобуските линии, градот Скопје има стратегија за јавен градски превоз во Скопје, како и голем број проекти и студии од областа на сообраќајот, за подобрување на состојбата. Во однос на реорганизација на јавниот превоз и измена на досегашниот концепт, почната е постапка за оптимален модел на организација и управување со системот за превоз на патници во градот Скопје. Токму најновите студии треба да посочат за потребите на граѓаните и да дадат насоки за потребните промени во линиите, односно промена на постојните линии, воведување нови… – објаснија од канцеларијата за информирање на градот Скопје.

Оттаму додаваат дека паралелно со овие студии, градот ја започнал и постапката за изградбата на трамвајската линија во Скопје. Изградбата на трамвајот како капитален проект чија реализација ќе биде со поддршка од Владата на Република Македонија ќе го унапреди јавниот превоз и ќе го намали загадувањето од издувните гасови. Состојбата на возниот парк на ЈСП-Скопје и капацитетите за опслужување патници е, секако, велат фактор во креирањето на линии и возниот ред во Скопје.

– Градот Скопје работи на подобрување на возниот парк, а во моментов се работи на набавка на 30-40 нови еколошки автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел-возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема. Истото тоа ќе се финансира со задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1 отсто, три години грејс-период и седум години отплата, без вклучен грејс-период – акцентираат од градот Скопје.