Град Скопје, со цел да ја зголеми мотивираноста кај младите и талентирани спортисти – средношколци, за првпат воведува стипендирање на спортисти – средношколци кои се жители на Скопје и учат во средните училишта на подрачјето на град Скопје.

Јавниот повик за доделување стипендии на спортисти – средношколци, ученици во средните училишта на подрачјето на градот Скопје за 2018 година е објавен денеска, а ќе трае 10 дена, заклучно со 26.04.2018 година.

Врз основа на пропишаните критериуми во овој повик ќе се изберат 100 стипендисти – средношколци, кои во текот на 8 месеци во тековната 2018 година ќе добиваат стипендија од 3.000 денари месечно (плус платен персонален данок), средства обезбедени од буџетот на Град Скопје.

Право на добивање стипендија на овој повик имаат државјани на Република Македонија кои имаат статус на редовен или вонреден ученик во средно училиште на подрачјето на град Скопје, со следниве услови: да се жители на Скопје; да се ученици во средните училишта на подрачјето на град Скопје; да се активни спортистки и спортисти, членови на спортски клубови регистрирани на подрачјето на град Скопје и да се регистрирани во националните спортски федерации во Македонија; да имаат високи спортски постигнувања во претходната 2017 година и во 2018 година, се до завршувањето на јавниот повик.

Сите заинтересирани овој јавен повик може да го погледнат на веб страницата на Град Скопје http://skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=654, а за дополнителни информации може да се јават и на телефонските броеви 02/3297-238 и 02/3297-320.

Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на адресата Булевар Илинден број 82, 1000 Скопје, или во архивата на Град Скопје (барака број 16) секој работен ден до 19:30 часот, а најдоцна до 26.04.2018 година до 15:00 часот.