Градот Скопје се вклучува во програмата за општинско-корисна работа со која ќе бидат ангажирани 20 невработени лица со скратено работно време во рамки на проектот „Социо-образовни придобивки преку поддршка на ранливите категории граѓани на територија на Град Скопје“.

Десет невработени лица ќе бидат ангажирани на скратено работно време во период од девет месеци како образовни асистенти на лица со посебни образовни потреби во девет средни училишта во Град Скопје, а по пет ќе бидат ангажирани како персонални асистенти на лица со телесна попреченост и негователи на стари и изнемоштени лица.

Работниот ангажман е 20 часа неделни и лицата за тоа ќе добиваат месечен надомест од девет илјади денари. Тие во рамки на проектот ќе имаат и платена обука. Рокот за аплицирање е до 14 август.

Корисниците на услугите од проектот, како што информираа на денешниот брифинг во Град Скопје, веќе се селектирни и добиена е согласност за нивно учество.

Целта на проектот е унапредување на социјалните услуги на територија на градот Скопје, со акцент на социјално ранливите категории на граѓани и нивните секојдневни потреби. Дополнително, за работно ангажираните лица преку стручното оспособување и практичното искуство во рамки на проектот, ќе се овозможи нивно полесно вклучување на пазарот на труд.

Проектот е во организација на Град Скопје, Агенцијата за вработување и Програмата за развој на Обединетите нации. Партнери во проектот се и здружението за поддршка и развој Хуманост и сојузот на лица со телесен инвалидитет Мобилност од Скопје.