Мешани тимови и оваа година ќе работат секој ден, 24 часа, на борба против огновите на отворено. Граѓаните можат да ги пријавуваат сите случаи на палење огнови на бројот во кол-центарот на 193, ова денеска го изјави портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху.

Град Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“.

-Апелираме до сите граѓани место пријавувањето на фејсбук или други социјални мрежи, времето да го искорисат сите случаи на огнови на отворено да ги пријават на 193. На тој начин екипите ќе можат да интервенираат на време и да се спречат евентуалните опасносните по здравјето и имотот на нашите сограѓани, рече Салиху. Додаде дека дежурните екипи ќе ги процесуираат сите пријави, огновите ќе бидат изгаснати, а доколку има потреба од згрижување на лица кои ги палат огновите, ќе интервенираат во координација со Центарот за социјални работи во Град Скопје.

Тој информира дека минатата зима во рамки на истата кампања имало 438 јавувања, се интервенирало на 334 огнови на отворено, а во 114 случаи излегол и комуналниот инспекторат на Градот.

Раководителот на Секторот Инспекторат на Град Скопје Мирослав Богдановски изјави дека градските инспектори вршат засилени контроли на терен по однос на загадувањето на животната средина и досега се пронајдени и казнети поголем број прекршители на законот во Вардариште, под Кале, Ѓорче Петров.

– Во периодот септември/октомври годинава во споредба со истиот период лани имаме зголемување од околу 120 отсто во однос на изречените казни, а имаме изречено и голем број опомени за несовесните граѓани. Засилено се следи и состојбата во Лисиче, каде што граѓаните пријавуваат извори на загадување. Фатени се неколку малолетници кои гореле кабли и различни отпадни материјали. Ги контролираме и градилиштата по однос на прашината, дали се чисти тркалата на камионите, дали се покриени со церади и слично. Направени се контроли кај повеќе од 50 градилишта на подрачјето на Скопје, рече Богдановски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Салиху потсети на мерките кои досега ги презел Град Скопје во елиминирањето на загадувањето. Реконструирани се фасадите на средните училишта, изработени се велосипедски патеки, имаше субвенции за велосипеди, засадени се илјадници дрвја, се изработуваат нови паркови, еден над Градскиот трговски центар, а друг зад зградата на Македонска филхармонија. Се менуваат старите автобуси со нови.