Ново акционерско друштво кое ќе се занимава со енергетски дејности беше основано денеска со одлука на Советот на Град Скопје.

Со оваа Одлука Градот Скопје ја утврдува потребата од основање на акционерско друштво за вршење на овие дејности за подрачјето на Град Скопје за снабдување со природен гас и топлинска енергија, како дејности од јавен интерес од локално значење. Одлуката беше едногласно донесена од Советот на Град Скопје.

– Со цел брзо и ефикасно приклучување на системот на централно греење и започнување на процесот на гасификација на градот, граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие за вршење на енергетски дејности – се вели во соопштението од Град Скопје.

Друштвото заради вршење на дејностите за снабдување со природен гас и топлинска енергија ќе основа едно или повеќе трговски друштва на начин и во форма потребна за вршењето на дејностите во согласност со Закон.

Управувањето на Друштвото се организира според двостепениот систем на управување, преку управен и надзорен одбор. Работите од надлежност на Собранието на Друштвото ќе ги врши Советот на Град Скопје, како единствен основач.

Со Друштвото управува Управниот одбор во рамките на овластувањата определени со Законот за трговски друштва, Статутот и овластувањата што изречно му се дадени од Советот на Град Скопје.

Управниот одбор се состои од пет члена, кои ги именува Надзорниот одбор, со мандат во траење од четири години со право на повторен избор. Надзорниот одбор се состои од три члена, кои ги именува и разрешува Советот на Град Скопје, со мандат во траење од четири години, со право на повторен избор.

Со оваа одлука се задолжува Градоначалникот на Град Скопје, преку администрацијата на Градот Скопје да ги изготват статутот и другите потребни акти за основање на Акционерското друштво. Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во Службен гласник на Град Скопје.