Јавниот повик за доделување стипендии на спортисти – средношколци, ученици во средните училишта на подрачјето на Град Скопје за 2019 година е објавен денеска, а ќе трае десет дена, до 14 овој месец. Врз основа на пропишаните критериуми во овој повик ќе се изберат 105 стипендисти – средношколци, кои ќе добиваат стипендија во вкупен нето износ од 24.000 денари во тековната 2019 година.

Градските власти информираат дека стипендиите се доделуваат со цел да се зголеми мотивираноста кај младите и талентирани спортисти – средношколци.

Право на добивање стипендија на овој повик имаат државјани на Република Македонија кои имаат статус на редовен или вонреден ученик/ученичка во средно училиште на подрачјето на Град Скопје, да се жители на Скопје, да се активни спортистки и спортисти, членови на спортски клубови од подрачјето на Град Скопје и да се регистрирани во националните спортски федерации во Македонија, да имаат високи спортски достигнувања во претходната 2018 година и во 2019 година, се до завршувањето на јавниот повик.

Сите заинтересирани овој јавен повик може да го погледнат на веб-страницата на Град Скопје, а за дополнителни информации може да се јават и на телефонските броеви 02/3297-238 и 02/3297-320.

Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на булевар „Илинден“ број 82, 1.000 Скопје или во архивата на Град Скопје (барака број 16) секој работен ден, а најдоцна до 14 февруари 2019 година, до 19 часот.