Град Скопје соопшти дека во рекордно време, за помалку од две недели, завршила реконструкцијата на улицата Димитрија Чуповски, на потегот од крстосницата кај „Палома бјанка“ до крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски.

Реконструкцијата на улицата ја најави градоначалникот Шилегов на 27 мај и додаде дека почнува градежната сезона во чии рамки во наредниот период ќе се реконструираат повеќе сообраќајници во Скопје.

– На улицата Димитрија Чуповски се изврши комплетно отстранување на постојниот коловоз и се постави нов асфалт во три слоја. Реконструкцијата се изврши на потег во должина од 240 метри, на површина од 3.750 квадратни метри. Во наредната фаза предвидена е и комплетна реконструкција на велосипедските и на пешачките патики на овој потег, од двете страни на улицата – велат од Град Скопје.

Реконструкцијата на улицата Димитрија Чуповски ја извршија екипите на Бауер БГ, а за реализацијата на овој проект Град Скопје издвои 4.543.285 денари.

Од Градот Скопје додаваат дека продолжуваат да работат на намалување на сообраќајниот метеж и на зголемување на безбедноста во сообраќајот, не само преку реконструкција на улиците туку и со изнаоѓање модерни и одржливи решенија што ќе обезбедат непречено функционирање на градскиот сообраќај.