Во пресрет на граѓанскиот протест закажан за утре во врска со загадувањето што потекнува од депонијата во Ѓорче Петров, Град Скопје сака да ги увери граѓаните дека борбата за здрава и чиста животна средина е приоритет на градската администрација. Од Градот преку соопштение нагласуваат дека на ова прашање се работи секојдневно – и во сезоната кога има загадување, но и во сезоната кога нема.

– Во буџетот на Град Скопје за 2020 година, кој е во подготовка, се одвоени средства за чистење неколку поголеми диви депонии во градот, а меѓу нив е и расчистувањето на депонијата во Ѓорче Петров. Оваа депонија со децении ги загадува и нагрдува околните населени места, но со планираните активности екипите на Град Скопје ќе го расчистат натрупаното ѓубре, а просторот ќе го облагородат – додаваат од прес-службата на Градот.

Тие уверуваат дека континуирано се спроведуваат акции за чистење на јавните површини, како и за расчистување на дивите депонии.

– Само за илустрација, за две години, за периодот ноември 2017 – ноември 2019 година, од дивите депонии во градот е расчистен отпад од 12.666 кубни метри. Инспекторите и комуналните редари на Град Скопје во последните две години ги засилија контролите на терен, што резултира со зголемување на казните и опомените и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години. Така, во јули годинава беше поднесена првата кривична пријава во историјата на Скопје за неовластено фрлање смет, со што Град Скопје ја потврди заложбата за почиста и поздрава животна средина. Во овој случај стануваше збор за лице фатено на самото место, на улицата Александар Урдаревски во општина Бутел – додаваат од Град Скопје.

Борбата за поздрава и почиста средина, како што велат, е процес што трае без прекин и во неа треба да бидат вклучени и надлежните институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување. Само заедно, со заеднички напори, може да ги достигнеме стандардите кон кои сите тежнееме, а граѓаните да го остварат своето право на чиста и здрава средина.