Град Скопје соопшти дека авионското прскање против комарци што почна денеска, ќе се одвива и во наредните три дена, односно до 13 август (понеделник), кога ќе продолжи од земја, и ќе се одвива до 17 август во период од 23 часот навечер до 4 часот изутрина, наредниот ден.

Од Град Скопје истакнуваат дека заради зголемените врнежи во изминатиот период се создала поволна клима за брзо размножување на комарците, па одлучиле третото прскање наместо два дена да трае четири дена, со што се зголемува интензитетот на заштита.

По ова продолжено и засилено прскање ќе се изведат уште две прскања против комарци, што се планирани кон крајот на месецов и на почетокот на септември. Пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите, наведуваат од Град Скопје.