Фото: Игор Бансколиев

Огромното количество насобран отпад во дворот на студентскиот дом „Пелагонија“ во општината Кисела Вода крена тревога од највисок степен помеѓу граѓаните. Критиките на социјалните мрежи за оваа појава беа невообичаено остри кон идните академски граѓани. Многумина се запрашаа и дали ваквата слика пред студентските домови е всушност идната, проектирана слика и на целото градско подрачје. Бидејќи штом интелектуалците, студентите и академските граѓани со „висока“ еколошка свест даваат ваков пример за комунална нехигиена и хаос, тогаш е препознатлив начинот на однесување во времето што претстои

Студентите вчера, засрамени од критиките што ги добија, се обидоа сами да исчистат дел од ѓубрето, пред да дојдат комуналците комплетно да го направат тоа. Некои од граѓаните прашуваа се срамат ли и нивните соседи поради тоа што полните најлонски кеси исто така ги фрлат преку балконите или прозорците. Други, пак, се огорчени на оние што на скалилата со денови ги оставаат полните најлонски кеси со ѓубре. Нехигиената во станбените влезови и ваквото однесување на некои граѓани се причината поради која потоа шетаат бубашваби, лебарки и глувци, кои не се појавуваат само по подрумските простории туку и по становите. Ова не е случај само по периферните градски населби, напротив грда слика со преполни најлонски кеси ѓубре има дури и во централното градско подрачје. Не е ретко кантите за ситен отпад да ги видиме затрупани со големи најлонски кеси од фрлено ѓубре од дома. Многумина во своите дискусии велат дека треба да се работи на свеста или таа да се поттикне со казни. Ако веќе постои закон за јавна чистота, според кој се изрекуваше казна од 50 евра дури и за фрлено догорче од цигара, тогаш се поставува прашањето дали за големите купишта ѓубре некој воопшто треба да казнува? Каде се тука комуналните инспектори, колку тие ја забележуваат оваа појава и зошто не ги казнуваат граѓаните што не го почитуваат комуналниот ред.

– Навистина не можам да разберам како може некој да живее во градска средина и да не знае како да го почитува редот и хигиената во една станбена зграда. Се остава ѓубрето на скалилата да стои три дена, а потоа, откако ќе засмрди, се фрла. На некои, пак, во мојата станбена зграда најлесно им е да го фрлат преку балконите во задниот двор на зградата. И наместо во парк со цвеќиња, од прозорците гледаме во депонија, во која се гледаат пластични шишиња, амбалажи од сѐ и сешто – вели револтирана станарка од населбата Топанско Поле.

Од општината Центар тврдат дека инспекторите постојано изрекуваат казни и не само што санкционираат туку и опоменуваат. Но во текот на вчерашниот ден не можеа да ни достават конкретни бројки, ама ветија за денеска. Од општината Кисела Вода, пак, информираа дека во текот на 2018 година, заклучно со 31 декември, од страна на овластениот комунален инспекторат при секторот за инспекција, во координација со комуналните редари, се изречени вкупно 14 глоби.

– Од вкупно 14 глоби, 13 се изречени во согласност со Законот за јавна чистота, од кои 12 се по 50 евра во денарска противвредност, и тоа за оставање земја на јавни површини, градежен материјал, предмети од домаќинствата и испуштање отпадни води, исто така на јавни површини. Една глоба од 200 евра во денарска противвредност е изречена за оставање градежен шут на јавна површина. Една глоба во износ од 1.000 евра е изречена за истекување отпадни води од септички јами во места каде што нема канализациска мрежа. Во истиот период, значи минатата година, биле изречени 50 опомени на правни и физички лица-информираат од општината Кисела Вода.

Се поставува прашањето дали треба да се казнуваат и станарите во станбените згради или можеби станбените заедници што не го депонираат ѓубрето таму каде што треба, па на тој начин да се чува комуналниот ред во колективното живеење. Или можеби станарите сами треба да си размислат какви се штетите од тоа што го оставаат ѓубрето. Треба да се знае дека во колективното живеење мора да има ред и да се чува хигиената, инаку може да биде и многу полошо, и тоа по здравјето на станарите. И додека градските и општинските власти мака мачат да го одржат потребното ниво на комунална хигиена, во текот на вчерашниот ден беа забележени симпатизери на новиот спорт – сметокош, како од балконите ги гаѓаат контејнерите со најлонски кеси полни со смет.


Односот со сметот е феномен на општествена реакција

Психологот и психотерапевт Мирјана Стојановска-Јовановска има исклучително интересна теза и приод кон дијагностицирањето на феноменот за нашиот индивидуален и колективен однос кон отпадот. Таа, поаѓајќи од својата стручност, искуство и анализа, тврди дека луѓето оптоварени со промената во начинот на живеење и функционирање, неминовно е да имаат и психолошка криза да истуркаат до браниците на невротично однесување. Отпадот е само метафора. Фрлањето ѓубре тргнува од чиста немарност кон себе, кон околината, па до манифестирањето еден вид агресија. Некои пораснале во средини каде што околината, редот и чистотата не се значајни и во ситуацијава не се обрнува внимание на тоа, па затоа уште има луѓе што плукаат по улица и фрлаат хартии. Тоа е немање основна култура на живеење. Од друга страна, пак, е и начин на изразување на агресијата, пример ако тие можат така со нас, и јас можам вака. Ќе појдат на шалтер ќе се револтираат, здравството ни е такво какво што е, па најлесно им е на тој начин да ја изразат агресијата, а да не им се врати негативно по нив. Свеста не оди дотаму дека природата исто така враќа. Ова со фрлањето ѓубре постојано се случува. Имаме модерни луѓе во модерно општество, а чуваат животни што вршат нужда во тревници, а таму си играат и деца. Ретки се оние што со кесички го собираат изметот по своите миленици. Во Јапонија ги воспитуваат учениците сами да си ја исчистат училницата или вработените својата канцеларија, зошто е тешко да си исчистиме пред своите станбени згради, па ова е наш град.
Таа додава дека и лично ѝ пречат преполнетите канти со ѓубре, но исто така ѝ пречи и сметот што го забележала пред некои државни институции и се прашува како не им пречи на вработените.
– Селектирањето на отпадот нема да ни дојде на памет, покрај толку многу општествени проблеми. Затоа треба целото општество да се развие за да се дојде до свесност. Со зреење на општеството, ќе дојдеме до свесност. Но повторно ќе порачам, ајде сите лопатите в раце и да го собереме ѓубрето, како на времето кога имаше акции – порача Стојановска-Јовановска