Фото: Игор Бансколиев

Лушпи од сончоглед, семки и банани, разни отпадоци од храна и грицки, лименки од пиво и сокови, пластични шишиња од вода и сокови, влажни марамчиња, ќеси и разни други отпадоци се редовната слика со која секојдневно се соочуваат возачите на јавното сообраќајно претпријатие во главниот град. Оттаму велат дека сликата секојдневно е иста и дека насекаде се фрла ѓубре, без никаков срам од страна на патниците

ПАТНИЦИТЕ ФРЛААТ ЃУБРЕ ВО ЈАВНИОТ ГРАДСКИ ПРЕВОЗ

Користењето градски јавен превоз значи и почитување на правилата и прописите што постојат за патниците што се возат со него, но и чување на автобусите, за што повеќе и подолго да траат и да можат да ги користат сите граѓани. За жал, некултурата и несовесноста на граѓаните што го користат градскиот превоз се гледаат не само по нивното однесување во автобусите туку и по тоа што останува во автобусите по нивното користење.

НА ПОДОВИТЕ НА АВТОБУСИТЕ РЕДОВНО ИМА ЛИМЕНКИ, ЛУШПИ ОД БАНАНИ, МАРАМЧИЊА…

Лушпи од сончоглед, семки и банани, разни отпадоци од храна и грицки, лименки од пиво и сокови, пластични шишиња од вода и сокови, влажни марамчиња, ќеси и разни други отпадоци се редовната слика со која секојдневно се соочуваат возачите на јавното сообраќајно претпријатие во главниот град. Оттаму велат дека сликата секојдневно е иста и дека насекаде се фрла ѓубре, без никаков срам од страна на патниците.
– Воопшто не се загрижени што фрлаат пред другите патници, ниту пак се загрижени дека со тоа си предизвикуваат сами на себе штета, бидејќи така само ги уништуваат автобусите, кои треба да ни служат на сите. Најголем проблем е кога истураат вода и сокови во автобусот, па, згора на сѐ, грицкаат и сончоглед, чии лушпи кога ќе се залепат со сокот, едвај може да се избришат и изметат. Имаме проблем и со шарање на прозорците, мачкање со храна, па јас кога ќе застанам на последната станица, земам средство и бришам – вели возач на автобус.
Оние посовесните патници на автобусите велат дека најчесто помладите патници се тие што без срам фрлаат секакво ѓубре во автобусите.
– Секојдневно користам автобус за да стигнам на работа и реално ја согледувам сликата. Помладите се толку невоспитани, што навистина е чудно како може да се однесуваат така. Летоска влегуваа со сладоледи, сега и со разна храна, бурек, сендвичи, сончоглед, јадат и го замирисуваат целиот автобус, а ѓубрето секако дека го фрлаат долу на подот. Толку се безобразни, што кога ги прашав дали и дома во своите куќи прават така, толку ме навредија што никогаш повеќе нема да ми текне да им речам нешто – вели Вера Димовска.

НЕМА АВТОБУС СО КАНТИ ЗА ОТПАДОЦИ

Дека ѓубрето во јавниот градски превоз е доста голем проблем потврдуваат и од јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, од каде што велат дека граѓаните за фрлање ѓубре имаат канти за отпадоци на секоја автобуска постојка, но се чини дека тоа е залудно, бидејќи, сепак, ѓубре фрлаат во превозните средства.
– За жал, немаме механизам како да се справиме со патниците што немаат основна култура, сѐ останува на нивната совест. Речиси секојдневно од возилата се чистат разни отпадоци – информираат од ЈСП.
Голем дел граѓани велат дека најдобро решение би било поставување канти за отпадоци во автобусите, каде што граѓаните би го фрлале своето ѓубре, за автобусите да ни останат чисти.
Од претпријатието додаваат дека во ниту еден автобус на ЈСП немало ниту ќе има канти за отпадоци.
– Канти за ситни отпадоци има на секоја автобуска постојка и секој совесен патник доколку не сака отпадокот да го зачува во торба, џеб или слично, може да го фрли пред или по возењето – велат од ЈСП-Скопје.

[email protected]