На просторот на стариот лунапарк ќе се гради нов забавен парк. На вчерашната презентација, градот Скопје го претстави проектот за новиот тематски забавен парк, кој ќе се простира на околу 26.000 квадратни метри. Оттаму велат дека паркот ќе обезбеди најмалку 100 нови директни вработувања, а над 500 индиректни нови вработувања. Според проектот, се предвидува паркот да има три зони, детска, фамилијарна и адреналинска зона, во кои ќе се постават 24 различни реквизити и содржини. Студијата и планот за изградба се изработени од италијанската компанија „Бауса“.

– Самиот парк ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се уништува постојното зеленило во Градскиот парк, а во паркот нема да биде исечено ниту едно дрво за негова изградба. Сите реквизити во паркот ќе се поставуваат, односно лоцираат, според постојните дрвја на парцелата. Новиот забавен парк ќе поседува најсовремени реквизити, кои се гаранција дека истиот тој ќе биде пожелно место за забава на семејствата и на сите посетители без оглед на нивната возраст – велат од градот Скопје.