Ќе бидат наградени кандидатите што дале најголем придонес за животната средина

И годинава градот Скопје ќе избира најубаво уред двор на куќа и простор пред станбена зграда, институција или компанија, како и најубав состав и цртеж на темата „Екологија“ што ќе го изработат основците и средношколците. За сите заинтересирани граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица што сакаат да учествуваат, конкурсот трае од 21 март до 15 мај годинава и е во состав на акцијата „Денови на пролетта – денови на екологијата“.

Градот веќе објави конкурс, а заинтересираните за учество своите пријави треба да ги достават по пошта на адресата: Град Скопје – Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден бр.82 или во архивата на градот. Граѓаните своето учество можат да го пријават на телефонските броеви 3297-273 и 3297-304. Одбирањето на кандидатите ќе го врши комисија, која градот ќе ја формира од претставници на вработените во секторите и од невладините организации.

Како што е објавено, во јавниот конкурс ќе се направи избор на кандидати што дале најголем придонес во областа на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, за најеколошка компанија, зграда и институција, стопански објект и најубав состав и цртеж на темата „Екологија“ за учениците од основните и од средните училишта.
Ќе се изберат и правни и физички лица што дале најголем придонес во областа на животната средина и со своето залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во градот Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областа на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија и слично. Секако и годинава ќе се конкурира за најубаво уреден двор, било да е на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект. Како што соопштуваат од градот за првите две категории, најеколошка компанија и за категоријата најголем придонес во зачувувањето на животната средина од страна на правни и физички лица предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари.

За третата категорија, најубав двор ќе следуваат три награди за индивидуално домување, за колективно и за институција, фирма или стопански објект, а тие ќе бидат во износ од по 40.000 денари.

За четвртата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во висина од по 10.000 денари, колку што ќе биде висината на двете награди за петтата категорија. Х.Ј.