Градот Скопје планира 94 нови вработувања, и тоа по принципот на соодветна застапеност, а градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, има законска обврска за доставување годишен план за вработувањата во согласност со градскиот буџет. На седницата на советот, предлог-одлуката за вработувањето на 94 лица беше на одлучување вчера, откако се најде пред градските советници, кои расправаа до доцна попладне. Покрај вработувањата, планирани се и 25 пензионирања на вработени, заклучно со 31 декември следната година.

Во образложението на предлог-одлуката за вработувања стои дека Советот на градот Скопје, на седницата одржана на 27 декември минатата година дал согласност за годишниот план за вработување во градот за 2018 година, а биле предвидени 52 вработувања. На седницата, пак, одржана во март годинава беше донесен план за изменување и дополнување на годишниот план за вработување за 2018 година и беа предвидени дополнителни 23 нови вработувања.

Градските власти во меѓувреме согледале дека се јавила потреба од измени и дополнувања на планот во делот кај новите вработувања за дополнителни 19 вработувања. Со тоа, вкупниот број нови вработувања што треба да се остварат во 2018 година, заедно со вработувањата предвидени во годишниот план за вработување за 2018 година, изнесува 94.

Законските норми велат дека бројот на нови вработувања во планот за кој е добиено позитивно мислење од Министерството за информатичко општество и администрација може да се менува во текот на годината за која се однесува само по претходно добиена согласност од надлежните органи за давање согласност. С.Р.