Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и Луиза Витон, постојаната претставничка на УНДП во Македонија, потпишаа договор за соработка. Со него градот преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) се обврза за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатски прометни“.

Целта на договорот е реализација на голем број активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштита од климатски промени и активности за воведување нови пристапи во секојдневната работи и поефикасни услуги за граѓаните. Градоначалникот рече дека со овој договор градот се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да се штити природата, да се подобрат условите за живот, но и да се преземат активности за справување со климатските промени. Посочи дека е свесен за значењето на зеленилото од сите аспекти и најави дека се предвидуваат сите потребни мерки за негова заштита.

– Наша цел е интензивно зазеленување на главниот град. Оваа година градот Скопје има предвидено засадување на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје. Дополнително, преземаме конкретни активности за изградба на зелен покрив во Градскиот трговски центар.
Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме сите административни процедури и од наредната година би почнала неговата реализација – истакна Шилегов. Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Витон, изјави дека со договорот се продолжува интензивната соработка со градот Скопје и констатира дека ова е продолжување на продуктивното партнерство меѓу двете институции. Витон дополни дека соработката се продолжува на 12 месеци, а договорот е во вредност од 720 илјади долари. С.Р.