Фото: Игор Бансколиев

И покрај апелот на градот да не се палат огнови на отворено, голем дел од станарите по скопските населби веќе собрале пари и организираат палење бадникарски огнови и заедничка соседска трпеза на која се крши погача со паричка. Станари од Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода, Бутел, населбата Скопје Север, велат дека веќе се подготвувале. Собирите ќе се одржуваат вечерва, а среќникот кому ќе му се падне паричката традиционално ќе биде кум на следното бадникување и организатор на бадниковите огнови за наредната година. Кај некои развеселени станари собирите траат до раните утрински часови, кога веќе се слушаат првите коледарски песни. Палањето бадникарски огнови стана дел од обичаите на многу скопски маала. Огновите како да се вметнаа во традиционалното славење на Бадник и Божиќ во урбаните средини, иако многумина не го одобруваат тоа. И според свештениците палењето огнови е паганско и не е дел од христијанската традиција. Додаваат дека воопшто не е во духот на христијанството додека трае постот да се пие вино и ракија, бидејќи виното ја симболизира крвта на Исус.

Од друга страна, пак, палењето огнови на отворено е забрането и ова е една од мерките што беше промовирана од градот за да се намали загадувањето на воздухот.
– Градот Скопје и оваа година ќе апелира до граѓаните да се воздржат од палењето отворени огнови за време на Бадник. Исто како и минатата година, градот Скопје во соработка со општините и фирмите ќе апелира до граѓаните да не палат оган на отворено, а општините да се воздржат од доделување дрва од општините за истата намена, за да се спречи дополнително загадување на воздухот во градот Скопје. Оваа активност е за да се намалат огновите на отворено по повод прославата на божиќните празници, со намера да ја заштитиме животната средина и да го заштитиме амбиенталниот воздух -објаснуваат од градот Скопје.

Жителка на Аеродром и поранешна маџирмаалка вели дека минатата година за Бадник во Маџир Маало имале и свештеник, а веројатно така ќе биде и годинава. Во скопски Аеродром минатата година имале повикано дури три попа.
Дали повторно и годинава ќе горат бадникарските огнови по многу скопски маала или ќе проработи граѓанската совест останува да видиме. Секако тука се и општинските инспектори, кои веројатно треба и да казнуваат.