Градинките „Весели цветови“ и „Синоличка“ во општината Кисела Вода во своите дворови добија нови садници од бадеми. Од општината велат дека во периодот што следува „Синоличка“ ќе добие зелена ограда од зимзелени садници, нова тревна површина, а нејзиниот двор ќе го збогатат повеќе елки, зимзелени магнолии, багреми, лешници, дуњи и туи. Дворот ќе биде подновен и со разни видови цвеќиња.

Планирано е да бидат засадени вкупно 250 дрвја на површина од 2.596 квадратни метри. Од општината додаваат дека за одржување на зеленилото ќе биде поставен нов систем за полевање со прскалки.

На облагородувањето на дворните површини на градинките присуствуваа градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски, и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули
– За успешна реализација на проектот, Одделението за заштита на животната средина при општината Кисела Вода аплицира на јавниот повик на Владата на РСМ за реализација на програмата за намалување на загадувањето за 2019 година. Во насока на намалување на загадувањето, општината и во иднина ќе ја продолжи соработката со централната власт – велат од Кисела Вода.