Градинките во Општина Аеродром од денеска не примаат невакцинирани деца со МРП – вакцината откако вчера од страна на Министерството за здравство беше прогласена епидемија од морбили на територија на Град Скопје.

-Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден прогласи епидемија од морбили (мали сипаници) на целото подрачје на град Скопје, со што од денеска, 3 јануари, стапува во сила привремена мерка забрана за носење на сите невакцинирани деца од МРП-вакцината во сите градинки на подрачјето на градот – информираат од општината.

Од Министерството за здравство велат дека ваквата мерка стапува во сила согласно со член 56 и 57 од Законот за заштита на населението од заразни болести. Според нив населението од ова исклучително опасно заболување може да се заштити со вакцинација, затоа што сите заболени од морбили се невакцинирани лица.

Општина Аеродром апелира до родителите да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство, со цел да се заштитат децата од ова заболување и да се спречи понатамошно ширење на епидемијата од морбили.