Ги снема унифицираниот изглед и авторското дело на архитектите

Речиси нема населба во Скопје во која не може да се види некоја станбена зграда на која ќе се забележат различни интервенции на фасадата или балконите, кои комплетно го нагрдиле нејзиниот оригинален изглед. Во потрага по квадратен метар повеќе станбен простор, многумина се обиделе од своите балкони да направат различни простории, секој според потребите и желбите, а притоа користеле и различни материјали секој според сопствен избор. Така, на пример, ако некој употребил стакло на првиот кат, неговиот сосед од втори ја соѕидал терасата и само ја бетонирал, тој над него користел бели, а соседот кат погоре црвени тули. На некои, пак, не му одговарала оградата поставена од инвеститорот на објектот, па ја замениле со нова метална или посакале да го преградат тој простор повторно со материјали по избор. Примери има многу, а еден од нив се интервенциите на неколку станбени згради на улицата Благое Паровиќ во населбата Топанско Поле, во општината Чаир.

Неколку години на овие објекти преградува и гради кој како ќе стигне и кој како сака. Но тие, секако, не се единствениот пример во градов.
Откако, пак, граѓаните станаа свесни за значењето на енергетската ефикасност, почнаа да се организираат да ги обноват и енергетски да ги заштитат своите фасади.

Како по правило, кога не можат да се договорат за многу заеднички работи во влезовите, така и во овој случај едни решиле да направат, а други или немале пари да платат или, пак, не сакале да преземаат какви било интервенции на нивниот дел од катот. Па, оттаму се забележуваат два-три ката обоени во една боја, еден кат во друга боја и без енергетски ефикасен слој на надворешните ѕидови. Ова шаренило по станбените објекти зеде толкав голем замав, што веќе се забележува дека естетиката на објектите одамна е нарушена. Архитектите веднаш би рекле дека станува збор за урбана култура, за менталитет на луѓето и за непочитување на авторските права на идејните творци на објектите. Но во случајов веројатно недостига и инспекциски надзор од општините, кои се должни да водат сметка за унифицираниот изглед на објектите во населбите што биле препознатливи по тоа. Градењето и преградувањето без дозволи издадени од општините нагрдија голем број станбени згради.

– Не сме единствен град со богати интервенции на фасадите и балконите. Има и други градови во светот. Се работи за урбана култура, за менталитетот на луѓето. Секој регион, град, држава има системски решенија за градбите, правен поредок со кој тоа е решено со закон, системски. Непочитувањето на авторските права е врзано за примитивните средини.

Но и не само таму, дури, еве, на пример и во Љубљана, во некои делови може да се забележат вакви интервенции. Тоа го нема единствено во скандинавските земји или го има многу малку. Но овој наш менталитет продуцира вакво нешто. Затоа би требало да се воспостави систем што ќе биде ефикасен во локалните политики. Едно време жителите на Аеродром својата припадност ја препознаваа преку унифицираниот изглед на објектите, општината беше со имиџ на својата препознатливост и не дозволуваше промена на фасадите на објектите. За жал, оваа појава на интервенции врз објектите се појави и во оваа општина. Мора да има контрола во таа работа, бидејќи станува збор за ниска урбана култура. И во Париз има интервенции на фасади, но таа унифицираност со форми, бои, различност има склад и баланс, кои ги утврдуваат планерите и архитектите – вели архитектката Даница Павловска.
Во некои од општините веќе ги испитуваат оградувањето и преградувањето на балконите и промените на фасадите, па доправа ќе решаваат дали некои од нив ќе бидат легализирани или не.

– Општината Чаир до 2011 година нема издадено ниту едно одобрение за преградување или доградување тераси. Автоматски, она што е изградено до 2011-та е влезено во рамките на постапување по законот за легализација. Комисија ја води постапката за легализација за секој случај одделно. Се знае дека мора да се води сметка за унифицираноста на објектите за колективно живеење – објаснува Куштрим Алли, одговорен за информирање во општината Чаир.
И во општината Гази Баба велат дека доградбата на терасите е почната поодамна, кога граѓаните за решавање на станбеното прашање тоа го правеле најчесто нелегално, без дозвола за градба.

– Станарите законски се должни, во согласност со Законот за градење и деталниот урбанистички план, да побараат одобрение за доградба или надградба на колективната станбена зграда. Тоа најчесто се врши од страна на претставникот на заедницата на станари, со 51 отсто согласност од вкупниот број на станари, според законската регулатива. Во овој случај одобрението за градба е за целата зграда и општинската администрација има увид на фасадата на зградата, која се проектира со ист градежен материјал – велат од Гази Баба.

Оттаму додаваат дека унифицираност на објектите за домување нема, бидејќи не е регулирано со закон. Меѓутоа, архитектите што го проектираат објектот, ангажирани од неговите сопственици, водат сметка за изгледот на зградите. За секој објект што се гради без одобрение за градба е надлежна градежната инспекција и постапува во согласност со Законот за градење, односно се донесува решение за отстранување на градбата.

Интервенција на фасада на зграда во Карпош со склад и баланс